Анализата, објавена од порталот Futurism, предупредува дека ваквото однесување го прави алатот потенцијално опасен за злоупотреби, следење и вознемирување.
Проблемот стана јавен откако Grok објави точна адреса на основачот на Barstool Sports, Дејв Портној. Потоа Futurism спроведе сопствен тест, насочен кон обични граѓани. Резултатите покажале дека бесплатната веб-верзија на Grok лесно дава прецизни податоци на едноставни прашања од типот „име и адреса“.
Од 33 тестирани имиња, Grok доставил точна и актуелна домашна адреса за десет лица. За седум други дал претходно валидни адреси, а кај дел случаи објавил и деловни локации. Понекогаш, без да биде побарано, чатбот нудел дополнителни информации, телефонски броеви, e-mail контакти, па дури и адреси на членови на семејството.
Во споредба, конкурентите како ChatGPT, Google Gemini и Claude одбија да дадат било какви приватни податоци, повикувајќи се на заштита на приватноста и безбедносни протоколи. Ова укажува дека другите технолошки компании имплементирале значително построги филтри против т.н. „doxxing“.
Останува отворено прашањето од каде Grok ги прибира чувствителните податоци. Се претпоставува дека пребарува сомнителни онлајн бази и информации што се движат во правна сива зона, кои потоа ги споредува со профили на социјални мрежи и други јавни извори.
Иронично, во условите за користење на xAI јасно стои дека е забрането прекршување на приватноста, но Grok очигледно не ги следи тие правила. Ова не е првпат системот да предизвика скандал: неодамна Grok даде шокантен одговор во кој „би убил секој Евреин за да го спаси Илон Маск“, потег кој предизвика сериозни критики за недоволно тестирање и опасни пропусти во контролата.
Од компанијата xAI засега нема официјален одговор на најновите обвинувања.
