Популарната култура во последно време е опседната со овошни мотиви, а трендот од музиката брзо се пресели и во модата. Додека ѕвезди како Addison Rae и Lily Allen во своите проекти користат симболика поврзана со овошје, модната сцена доби свој впечатлив одговор – Chanel штилите со мала јаболка поставена на потпетицата.
Овој модел за кратко време стана предмет на желба меѓу љубителите на високата мода, особено откако ги носеше Hailey Bieber на промоција на својот бренд Rhode во Австралија. Со тоа, чевлите добија дополнителна медиумска тежина и статус на „it“ парче.
Станува збор за елегантни slingback салонки со препознатливата двобојна комбинација и контрастен врв, карактеристични за модната куќа Chanel. Под креативното водство на Matthieu Blazy, класичниот дизајн е освежен со современ детаљ – минијатурна јаболка на потпетицата, како суптилен омаж на Њујорк.
Моделот беше претставен на ревијата Métiers d’art 2026, инспирирана од елеганцијата на Менхетен и урбаната енергија на Њујорк. Колекцијата содржеше повеќе симболични референци на градот, а овие чевли веднаш се издвојуваа како највпечатлив моден момент.
Спојот меѓу модата и храната не е новост. Модната куќа Loewe, под водство на Jonathan Anderson, претходно експериментираше со необични детали инспирирани од секојдневни предмети и храна, покажувајќи дека разиграноста може да стане луксуз.
Модните познавачи веќе шпекулираат дека овој модел наскоро ќе се појави и на црвениот тепих, можеби во избор на ѕвезди како Charli XCX или Kristen Stewart. Едно е сигурно – штилите со јаболко се на добар пат да станат еден од најзапаметените модни симболи на 2026 година.