Западен Балкан би можел да собере 4,2 милијарди евра годишно со воведување домашен надоместок на јаглерод

Нов извештај на CEE Bankwatch Network предупредува: без навремена подготовка за CBAM, регионот ризикува неправедна енергетска транзиција – а приходите од јаглеродните такси ќе завршат во буџетот на ЕУ.

Според новиот извештај на CEE Bankwatch Network, владите на земјите од Западен Балкан би можеле да приберат до 4,2 милијарди евра годишно, доколку навреме воведат домашен надоместок на јаглерод за производството на електрична енергија и топлина.

Извештајот, презентиран од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ – Скопје, предупредува дека Механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (CBAM) на Европската унија ќе стапи во целосна сила на 1 јануари 2026 година, а неподготвеноста на владите од регионот носи ризик од катастрофална и неправедна енергетска транзиција.

CBAM ќе ги обврзе увозниците од ЕУ на одредени стоки – како електрична енергија, железо и челик, цемент, ѓубрива, алуминиум и водород – да плаќаат надоместок за емисиите на јаглерод диоксид поврзани со нивното производство во земјите извозници. Тоа значи дека увозот на енергија и стоки произведени од јаглен, нафта или гас ќе стане значително поскап, особено за земјите од Западен Балкан.

Увозниците на електрична енергија од регионот – Италија, Хрватска, Унгарија, Романија, Бугарија и Грција – ќе мора да најдат други добавувачи или ќе се соочат со високи трошоци. Со тоа, приходите од извоз на струја на Западен Балкан драстично ќе се намалат, предупредува извештајот.

Иако Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија нема директно да плаќаат CBAM такси, тие ќе бидат погодени од пад на приходите од извоз на електрична енергија. Според податоците, 57% од струјата што ЕУ ја увезува од Западен Балкан потекнува од јаглен, а приходите од CBAM ќе одат во буџетот на ЕУ. Доколку извозот продолжи со сегашното темпо, ЕУ би можела да инкасира околу 965 милиони евра годишно само од овие земји.

Според Bankwatch, доколку владите од регионот порано вовеле национални системи за цена на јаглерод, приходите од тие такси ќе можеа да се насочат кон енергетска транзиција и поддршка на регионите зависни од јаглен, наместо да завршат во буџетот на ЕУ.

Механизмот на CBAM предвидува можност за намалување или ослободување од такси за земјите што воспоставиле сопствен систем за надомест на јаглерод, усогласен со европското климатско законодавство. Сепак, како што наведува извештајот, ниедна од земјите од регионот не е блиску до исполнување на тие услови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни