Царски рез – право на избор или медицинска неопходност?

Додека во Македонија секое второ бебе се раѓа со царски рез, европските земји поставуваат јасни правила за тоа кога и зошто се применува оваа интервенција.

Дилемата дали жените треба самостојно да одлучуваат како ќе се породат – природно или со царски рез, стана едно од најчестите и најчувствителни прашања во современото општество. Иако личното право над сопственото тело е суштинско прашање на автономија, медицината предупредува дека породувањето не е само личен чин, туку и сложен биолошки процес што носи потенцијални ризици.

Во оваа насока, постојано се води дебата околу тоа каде треба да се повлече границата. Медицински гледано, тој се препорачува во случаи кога вагиналното породување претставува ризик за мајката или за бебето. Сепак, многумина сметаат дека зголемениот акцент на автономијата на пациентките значи дека жените треба да имаат право да побараат царски рез и од лични причини, дури и без јасна медицинска индикација. Овој став го претставува изборниот царски рез како прашање на феминистички избор и контрола врз сопственото тело, но експертите предупредуваат дека станува збор за сериозна хируршка интервенција што носи ризици и не треба да се изведува без медицинска потреба.

Во Македонија, стапката на порoдувања со царски рез, според гинеколозите изнесува околу 42–43 проценти, што е далеку над европскиот просек. Речиси секое второ породување завршува со операција, што ја претвора оваа интервенција од медицинска потреба во општа пракса.

Според експертите, овој тренд е резултат на страв од болка, недоволна информираност, но и културолошка навика кај дел од родилките и лекарите да се избере „побезбеден и предвидлив“ пат.

Како е во Европа?

Во европските земји, ситуацијата е поинаква. Царски рез на барање на трудница, без оправдана медицинска причина, не е дозволен во ниту една земја од Европската Унија. Начинот на породување го одлучува исклучиво лекарот, а жената има право да биде информирана и советувана – но го нема последниот збор.

Во Шведска, оваа тема повторно се актуализира откако лидерката на либералите, Симоне Мохамсон, побара жените да имаат повеќе моќ во одлуките поврзани со породувањето. Нејзиниот предлог предизвика широка дебата меѓу медицинските здруженија и феминистичките организации. Шведските бабици, пак, предупредуваат дека царскиот рез претставува сериозна хируршка интервенција што може да предизвика долгорочни последици – како инфекции, појава на тромбоза и компликации при идни бремености. Во шведскиот здравствен систем, каде што вагиналното породување останува доминантна практика (со стапка под 20%), особено се нагласува значењето на сеопфатната едукација и психолошката поддршка за трудниците.

Хрватска и Словенија се блиску до европскиот просек, со стапки од 27 до 29 проценти. Таму жената е активно вклучена во процесот, но конечната одлука ја носи гинекологот. Хрватското законодавство јасно пропишува дека царскиот рез се изведува само доколку постои медицинска индикација, а во итни случаи лекарот може да ја преземе целосната одговорност за да го заштити животот на мајката и детето.

Во Грција, ситуацијата е спротивна – процентот надминува 35%. Причините се системски: недостиг од бабици, зголемен број приватни клиники и навика царскиот рез да се смета за „побезболен“ и поефикасен начин на породување. Таму културниот пристап и довербата во медицинскиот авторитет често ја заменуваат идејата за природно породување.

На спротивниот пол на европската карта е Холандија, каде само околу 15 проценти од породувањата се со царски рез. Холандскиот модел го стави фокусот на довербата во бабиците и природниот процес. Жените се подготвуваат преку посебни програми за телесна и психолошка поддршка, а царскиот рез се изведува само кога е строго неопходен.

Дилемата, сепак, останува: дали одлуката треба да биде право на жената или медицинска проценка на лекарот? Етичките и правните рамки во Европа се јасни – одлуката е на лекарот, но жената има право на целосно информирање и соодлучување. Некои земји, како Обединетото Кралство и Данска, воведуваат компромисен модел: ако жената, по детално советување, инсистира на царски рез, нејзиното барање може да се уважи, но лекарот не е обврзан да ја изврши операцијата.

Австралиските извори истакнуваат дека „елективниот/планиран царски рез“ е обично резервиран за случаи со медицинска причина — на пример преместена плацента, близначка бременост, претходен царски рез и слично.

Во април 2025 година, турското Министерство за здравство усвои нова регулатива со која се забрануваат планирани царски резови во приватните медицински центри доколку не постои јасна медицинска индикација. Мерката беше воведена како одговор на драматично високите бројки: во 2022 година, стапката на царски резови во Турција изнесувала 60,5 проценти од вкупниот број породувања, што е значително повеќе од светскиот просек и претставува една од највисоките вредности глобално.

Аргументи „ЗА“ и „ПРОТИВ“

Аргументите против целосна слобода на изборот се медицински: царскиот рез носи поголем ризик од инфекции, тромбози, долготрајно опоравување и компликации при идните бремености. Според некои професори, наметнувањето на лекарска обврска да изврши царски рез без оправдан медицински ризик би било спротивно на стандардите на современата медицинска пракса и на принципот на професионална автономија

Во позадина на овој тренд стои и демографската слика. Жените во Европа, а сè почесто и во Македонија, стануваат мајки во подоцнежна возраст. Во Хрватска, просечната возраст на прворотките е речиси 30 години, а над 60 проценти од сите родилки се постари од 30. Колку е повисока возраста, толку е поголем ризикот од компликации и потреба од царски рез.

Македонија, со стапка што е повисока дури и од Грција, ја одразува една поширока слика на регионален дисбаланс меѓу јавноздравствениот систем, културните навики и информираноста. Европското искуство покажува дека решението не лежи во апсолутно „право на избор“, ниту во строго ограничување, туку во информираната одлука – базирана на доверба, дијалог и образование на трудниците.

Дебатата околу тоа дали породувањето треба да биде избор или медицинска одлука останува тешка и чувствителна – меѓу правото на жената да одлучува за своето тело и должноста на лекарите да го заштитат нејзиното здравје.


Меѓу личната автономија и професионалната одговорност, се отвора простор за нов модел на доверба, во кој одлуките ќе се темелат на информираност, почит и заедничка грижа за животот

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни