Cards Against Humanity го тужат Илон Маск бидејќи им узурпирал плац: Ја штитиме земјата од милијардери расисти

Компанијата која стои зад популарната игра Cards Against Humanity најави дека ќе го тужи сопственикот на Space X, Илон Маск бидејќи оставил градежен шут на плац кој компанијата го купи во 2017 на границата со Мексико со цел да го спречи Доналд Трамп да гради ѕид.
Фото: Thomas Hawk/Flickr

„Имаме ужасни вести. Пред седум години, 150 илјади луѓе ни платија по 15 долари за да заштитиме дел од земјата на границата помеѓу САД и Мексико од расистот милијардер Доналд Трамп и неговиот глупав ѕид. За жал, уште побогат и уште порасист милијардер, Илон Маск, ни се искраде и целосно ни ја уништи земјата со чакал, трактори и вселенско ѓубре“ велат од Cards Against Humanity.

Тие истакнуваат дека компанијата на Илон Маск, Space X градела нешто во близина и одлучиле целиот отпад да го стават на нивната земја, без дозвола.

„Откако ги фативме, Space X ни даде некоја ниска сума, помалку од половина од вредноста на нашата земја на што им рековме ‘Еби се Илон Маск. Се гледаме на суд’“.

Cards Against Humanity најавија дека го тужат Илон Маск за 15 милиони долари, сума која, доколку ја добијат, ќе ја поделат помеѓу сите 150 илјади граѓани кои платија за земјата, со што секој би добил по 100 долари.

„Зошто треба да го направиме ова? Дури и ако Маск ја исчисти нашата земја, тоа не ја надохнадува штетата што ја направи на нашиот углед. 150.000 луѓе ни ги дадоа своите тешко заработени пари, а во замена ветивме дека ќе ја заштитиме оваа земја од расистичките милијардери и нивните глупави проекти за суета“ велат од Cards Against Humanity.

Тие велат дека нивната репутација за компанија која прави луди ветувања и потоа ги исполнува е загрозена.

„Ветивме дека ќе ја искористиме секоја законска алатка со која располагаме за да ја заштитиме оваа земја од насилниците како Трамп и Маск (кој троши милиони за да го избере Трамп и исто така сака да го изгради глупавиот ѕид). Ако не преземеме акција сега, зошто некој би ни верувал повторно?“ заклучуваат од Cards Against Humanity

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни