Бунтовниците обвинети за масакр врз стотици цивили во Судан

Шокантни снимки што се појавија на социјалните мрежи прикажуваат вооружени припадници на паравоените Брзи сили за поддршка (RSF) како извршуваат масакр во градот Ел Фашер, во западниот дел на суданскиот регион Дарфур, откако ја презеле контролата врз градот во неделата.

Според истражувањето на CNN, видеата, објавени од самите бунтовници, го прикажуваат убиството на стотици цивили, меѓу кои пациенти, медицински персонал и бегалци. Масакрот се случил во Медицинскиот факултет на Универзитетот во Ел Фашер, веднаш спроти Саудиската болница, каде што според податоците на Светската здравствена организација биле убиени повеќе од 460 луѓе.

Суданската лекарска мрежа соопшти дека борците на RSF „ладнокрвно ги убиле сите што ги затекнале во болницата, вклучително и пациентите и нивните роднини“. Сателитски снимки покажуваат групи тела и траги од крв околу болницата, потврдувајќи го обемот на злосторството.

Откако Суданската армија се повлече од Ел Фашер, RSF ги презеде сите главни позиции во градот. Повеќе снимки и фотографии од теренот, поткрепени со сведоштва на преживеани и хуманитарни организации, потврдуваат серија масовни егзекуции и силувања.

Лидерот на RSF, Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемети, призна дека имало „прекршувања“ и најави истрага, иако организацијата во посебно соопштение ги негираше обвиненијата, нарекувајќи ги „измислени приказни без врска со реалноста“.

Овие злосторства се случуваат по повеќе од две и пол години граѓанска војна во Судан, во која загинаа над 150 илјади луѓе. Конфликтот избувна меѓу генералот Абдел Фатах ал Бурхан, командант на Суданската армија, и неговиот поранешен заменик Хемети, лидер на RSF.

Обединетите нации соопштија дека околу 120 илјади луѓе, половина од нив деца, се заробени во Ел Фашер, кој беше последното упориште на суданската армија во Дарфур. Според извештаите, борците на RSF извршиле погубувања, грабежи и масовни силувања, додека мажи и момчиња биле спречувани да го напуштат градот.

Поранешниот американски државен секретар Антони Блинкен годинава ја обвини RSF за геноцид врз неарапските етнички заедници во Дарфур, посочувајќи дека има докази за систематско убивање на мажи и момчиња и силување на жени по етничка основа.

Според податоците на организацијата Save the Children, илјадници жени и деца успеале да избегаат кон градот Тавила, но многу од нив сведочат за силувања, убиства и исчезнати членови на семејствата. UNICEF потврди дека голем број жени пристигнале без своите роднини, велејќи дека мажите биле убиени или заробени.

Меѓународните организации бараат итен прекин на огнот и независна истрага. Според експертите на Јејл, сателитските снимки прикажуваат големи области со траги од крв и групи тела околу градот, што укажува на систематски масовни убиства.

„Ова е град заробен во ѕидови од земја, претворен во кутија за убивање. Луѓето се буквално опколени за да бидат убиени“, изјави Нејтаниел Рејмонд од Истражувачката лабораторија на Универзитетот Јејл.

Светот реагира со осуда, но насилствата продолжуваат, додека Дарфур повторно станува сцена на еден од најтешките хуманитарни ужаси на 21 век.

Извор:CNN

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни