Бунтовниците М23 поддржани од Руанда насилно ги затворија камповите во источниот дел на Демократска Република Конго, принудувајќи повеќе од 110.000 луѓе да избегаат, објавија Обединетите нации и локални извори. Бунтовниците дадоа рок од 72 часа за раселените лица да ги напуштат камповите и да се вратат во нивните села, соопшти на својот последен брифинг агенцијата на ОН за координација за хуманитарна помош, OCHA.
Иако од М23 подоцна изјавиле дека селењето треба да биде доброволно, OCHA предупреди дека повеќе од 110.000 раселени луѓе сега се упатуваат кон оддалечените села со уште помал пристап до хуманитарна помош.
„Изненаден сум затоа што од нас бараат да заминеме, но немам што да им дадам на децата“, рече Сибомана Сафари, заминувајќи од логорот за раселување Буленго.
„Сите си заминуваме без никаква помош и не знам дали ќе успееме“, додаде тој.
Според Форумот на меѓународни невладини организации откако М23 ја засили својата офанзива, најмалку 500.000 луѓе се раселени. Пред повторното насилство на 26 февруари, Гома веќе беше домаќин на речиси еден милион раселени луѓе.
„Ситуацијата е крајно загрижувачка“, вели Онаг Кари, координатор за итни случаи за Лекари без граници и додаде дека е исклучително важно да се има на ум дека ненадејното движење на населението може да ја влоши хуманитарната криза што веќе беше во тек.
И покрај тоа што бунтовниците објавија едностран прекин на огнот минатата недела, извештаите за конфликт меѓу М23 и владините сили продолжуваат, особено додека групата напредува кон Букаву, главниот град на провинцијата Јужен Киву.
Вчера, бунтовниците предупредија на потенцијална акција како одговор на пријавените убиства во Букаву, кој се наоѓа на приближно 50 километри од нивната сегашна позиција.
„Ситуацијата во Букаву опасно се влошува. Нашите сонародници постојано се убиваат“, објави портпаролот на М23 Лоренс Канјука на X и додаде „ако продолжат овие злосторства, ние ќе ги преземеме нашите одговорности да ја искорениме заканата од нејзиниот извор и да го заштитиме нашиот народ“.
М23, најмоќната од повеќе од 100 вооружени фракции кои дејствуваат на истокот на Демократска Република Конго, регион богат со минерали, ја зазеде Гома, најголемиот град во регионот, кон крајот на јануари, во услови на засилени судири со владините сили. Според властите во Конго, во офанзивата загинале најмалку 2.000 луѓе во и околу градот.