Германката Мари-Луиз Ета е именувана за вршител на должноста главен тренер на фудбалскиот клуб Унион Берлин, со што влезе во историјата како првата жена што ја презема оваа функција во машки клуб во Бундеслигата. Ета го замени тренерот Штефен Баумгарт, кој беше отпуштен по поразот од Хајденхајм со 1:3. Со ова назначување, таа стана и првата жена главен тренер во историјата на т.н. „лиги пет“ – најсилните машки фудбалски првенства во Германија, Англија, Италија, Шпанија и Франција.
Спортскиот директор на Унион Берлин, Хорст Хелд, изјави дека клубот е задоволен што Ета ја прифатила привремената улога, пред да премине на планираната позиција главен тренер на женскиот тим на клубот во текот на летото. Унион Берлин има уште пет натпревари до крајот на сезоната и моментално се наоѓа на 11. место на табелата со 32 освоени бодови, седум повеќе од зоната за бараж за опстанок.
Ета изјави дека опстанокот во Бундеслигата сè уште не е загарантиран, но дека верува оти тимот ќе ги освои потребните бодови за останување во елитното друштво. Таа нагласи дека е возбудена поради довербата од клубот и дека верува во способноста на тимот да се обедини во тешки моменти.
Претходно, Ета била помошен тренер во Унион Берлин и веќе има искуство со водење натпревар, кога привремено ја презеде екипата за време на суспензијата на тогашниот тренер Ненад Бјелица. Во составот на Унион Берлин настапува и српскиот напаѓач Андреј Илиќ.