Бум во најава? Се очекува новиот албум на WET LEG

WET LEG е апсолутно повеќе од фрустрација која се родила за време на пандемијата и нужно морала да стане некаква форма, но токму тој збор е еден од клучните за нивниот музички успех. Тие успеваат да ја пресликаат младешката исцрпеност, прашалници и бунтовност заедно,  будејќи едно чувство на прифаќање на хаосот околу себе кога песните ги слушаат новите генерации кои се растегнати меѓу она што било и треба да биде, преку специфичен хумор, сатира и острина за нештата кои се случуваат околу нас.
Creative Commons

Кога ќе се спомене британскиот бенд  WET LEG, веднаш на памет ни доаѓаат нивните најпознати хитови: Chaise Longue, Wet Dream, I Don´t Wanna Go Out – сите од нивниот прв студиски албум преку кој публиката ги запозна како музичарите на кои Тик Ток им помогна да се лансираат на сцената. Но, кои се WET LEG, еден од бендовите на новите генерации полни со критика, сатира и повторливи ритам позади кој стои свесност и досада? Англиски инди рок бенд формиран на Островот Вајт од Риан Тисдејл и Хестер Чемберс, составен и од Џош Мобараки, Елис Дуранд и Хенри Холмс.

Тие се впечатлив музички состав кој успева да комбинира, односно да претстави звук кој е симбиоза на летаргијата, меланхолијата, критиката на патријархатот, дејтинг сцената и многу други нешта преку прилично едноставни текстови и мелодии, кои го објавија првиот албум во 2022. Кога ги слушате, не може да не ве одмине чувството дека сте заглавени, дека постои потреба за промена, дека се преиспитува некаква смисла на работите –  што може да се пронајде во некој од нивните стихови, преку некој карактер преку кој се толкува конкретната песна. Не може да не почувствувате иронија, сарказам и активно живеење на новото време, толку силно пренесено преку тоа што го прават.

Иако една од силните асоцијации за бендот е самата пандемија, нивната музика како критика на празниот простор кој се создаде во тој период и потоа, не говори директно за тоа време,  туку се чувствува преку секој текст поединечно. Острината, специфичниот британски хумор кој истовремено е критичен, особено кон релациите и љубовта, феминистичките текстови, осаменоста и социјализацијата… Има многу нешта на кои може да се навлечеме кога ги зборуваме како бенд, но веројатно, една од главните би била излегувањето на нивниот нов албум на 11 јули кој нетрпеливо се очекува.

Новиот албум на бендот насловен како  Moisturiser  на публиката веќе и понуди три песни во кои се забележува нивниот раст и можеби поголема отвореност кон емоциите, како во песната  CPR како една специфична бунтовно-романтична песна, но уште повеќе во  davina mccall . Низ темите на копнежот, ранливоста, преку пост-панк енергијата која отвора теми за лутината, границите се до носталгијата и нежноста – трите песни се емоционален коктел кој отвора ново поглавје во слушачкото искуство за ова лето преку преиспитување на врската на пост-панкот и меланхолијата. Три песни со различен интензитет, но со нивните препознатливи белези: емотивна енергија која на длабок и летаргичен начин истовремено ги препознава новите генерации и нивните комплексни процеси и доживувања, преку индивидуални приказни.

WET LEG е апсолутно повеќе од фрустрација која се родила за време на пандемијата и нужно морала да стане некаква форма, но токму тој збор е еден од клучните за нивниот музички успех. Тие успеваат да ја пресликаат младешката исцрпеност, прашалници и бунтовност заедно,  будејќи едно чувство на прифаќање на хаосот околу себе кога песните ги слушаат новите генерации кои се растегнати меѓу она што било и треба да биде, преку специфичен хумор, сатира и острина за нештата кои се случуваат околу нас.

Од новиот албум се очекува поголема емотивна слоевитост и текстови кои подлабоко се занимаваат со слоевите на емоционални искуства, односно едно заменување на суптилната иронија и оддалечување со чистите чувства и нивно доживување, секако, низ призмата на нивниот добро познат стил кој содржи доза на сарказам како заштитен знак. Ова ќе биде навистина интересно да се чуе судејќи по песните кои веќе може да се најдат на платформите за музика. Затоа што ова е бенд кој е автентичен токму поради тоа што му дозволува на апсурдот на тоа што го живееме да постои целосно и го користи во неговата музика за да  прави песни кои не само што се многу добри, туку се и многу блиски до публиката. Затоа што на сите им треба чувството дека не проаѓаат сами низ генерациски, предизвикувачки хаос, туку дека тоа е дел од процесот на растење, менување и веројатно живеење. Исто како и нивните заштитни белези кои ги користат како стилови во песните. Во меѓувреме, останува да се слуша она што од нив го имаме досега, со чувство дека светот на возрасните многу добро ги познава сите овие комплексни процеси, а ние одиме кон него со негодување, затоа што сакаме да го менуваме и сакаме тој да има повеќе смисла, дури и кога сме полни со апатија или иронија за него.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни