Како што пренесува The Sofia Globe, ова е четврти пат бугарскиот парламент да одбие вакво барање, по гласањата во јули 2023, септември 2024 и 3 септември 2025 година.
Гласањето дојде во момент кога веќе се во тек завршните подготовки за воведувањето на еврото, коешто европските институции го одобрија во јули. Според исходот, од 219 присутни пратеници, 135 гласаа „против“, 81 „за“, а тројца беа воздржани.
Против референдумот гласаа пратениците од коалицијата ГЕРБ–УДФ на Бојко Борисов, 33 пратеници од опозициската коалиција „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“, движењето ДПС Нов почеток, 16 пратеници од Бугарската социјалистичка партија Обединета левица, како и еден пратеник од Алијансата за права и слободи.
Поддршка за референдумот дадоа проруската опозициска партија Възраждане, дел од БСП, популистите од ИТН, 13 пратеници од АРФ, како и помалите националистички партии МЕЧ и Големина.
Дебатата траеше подолго од предвиденото, бидејќи парламентот чекаше претставник од Кабинетот на претседателот кој требаше да ги образложи причините за предлогот. Спикерката Раја Назаријан соопшти дека никој од Претседателството не бил достапен.
Иако на хартија референдумот требаше да се однесува на датумот на воведување на еврото, расправата се претвори во широка дискусија за тоа дали Бугарија воопшто треба да го замени левот. Сепак, противниците на идејата повторија дека уставот експлицитно забранува референдум за меѓународни договори што веќе се ратификувани а влезот во еврозоната е токму таков договор.
Интересно е што самиот Румен Радев во 2022 година тврдеше дека референдум за еврозоната е невозможен токму поради уставните ограничувања. Неговото барање од мај 2025 претставуваше целосен пресврт во ставот.
Со одлуката од 3 декември, парламентот фактички го затвора прашањето за референдум само неколку недели пред земјата официјално да ја усвои европската валута. Бугарија останува на курсот за евроинтеграција, без дополнителни одложувања.
