Бугарската влада го повлече буџетот по масовни протести и предупредувања од ЕУ

По неколкучасовни демонстрации пред Собранието, реакции од синдикатите, опозицијата и Европската комисија, бугарската влада го повлече нацрт-буџетот за 2026 година.
Слика од протестите во Софија
Beta/AP Photo/Valentina Petrova

Бугарската влада денес го повлече нацрт-буџетот за 2026 година, кој веќе беше доставен во парламентот, откако масовните протести во Софија, критиките од опозициските партии и реакциите од Европската комисија укажаа дека предлогот не е усогласен со буџетските правила на Европската унија.

Лидерот на владејачката партија ГЕРБ, поранешниот премиер Бојко Борисов, денеска во Собранието објави дека документот ќе биде повлечен. Тој ја повика владата на премиерот Росен Железњаков да продолжи со консултации со социјалните партнери – синдикатите и работодавачите – пред да се предложи нова верзија на буџетот.

Седницата на буџетската комисија, која требаше да се одржи денес, е откажана. Комисијата веќе имаше усвоено дел од буџетските ставки што се однесуваат на социјалните придонеси и здравственото осигурување.

20.000 граѓани во круг околу парламентот

Во Софија синоќа се собраа околу 20.000 демонстранти, создавајќи човечки синџир околу зградата на парламентот. Протестот, организиран од опозициските партии „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“, беше реакција на зголемената загриженост за економскиот товар што буџетот би го донел врз граѓаните и бизнис-заедницата.

Демонстрантите извикуваа „Мафија“, „Буџетот е шуплив – не сакаме банкрот“ и „Нема второ читање“, протестирајќи против планираното зголемување на даноците, повисоките социјални давачки и масивното зголемување на јавната потрошувачка – која со новиот буџет би достигнала скоро 46% од БДП, највисока во поновата историја на земјата.

Економистите предупредуваат дека новиот финансииски план предвидува амбициозни јавни инвестиции, кои во голема мера би биле финансирани преку повисоки даноци и сериозно зголемување на јавниот долг – чекор што ги разгоре стравувањата од макроекономска нестабилност.

Инциденти и реакција на институциите

Иако најголемиот дел од протестот помина мирно, помала група демонстранти се обидела да пробие полициски кордон, фрлајќи шишиња и петарди кон парламентот. Според БТА, повредени се три полицајци.

Повлекувањето на буџетот претставува значајна политичка корекција за владата, која се соочува со силен притисок не само од опозицијата и синдикатите, туку и од Брисел. Европската комисија претходно испрати предупредување дека предложениот буџет не ги почитува фискалните правила на Унијата и дека ризикува да создаде дополнителен структурен дефицит.

Следните чекори зависат од тоа колку брзо владата ќе изготви ревидиран предлог што ќе ги земе предвид забелешките на јавноста, стручната заедница и ЕУ. Но протестите на граѓаните јасно ставија до знаење: буџет кој ја зголемува финансиската неизвесност нема да помине без отпор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни