Бугарин ја чувал заштедата со нафталин – парите се запалиле во банка

Инцидент во Горна Орјаховица: дел од готовината изгорела откако банкнотите биле натопени со запалив репелент

Необичен инцидент се случил во филијала на банка во Горна Орјаховица, Бугарија, кога се запалиле банкноти што биле чувани заедно со нафталински топчиња. Пожарот избувнал откако постар маж донел пари на уплата, а дел од готовината бил сериозно оштетен, пренесуваат локалните медиуми.

Инцидентот се случил кога мажот се појавил во банката со околу 4.000 лева (приближно 2.050 евра), со намера средствата автоматски да му се конвертираат во евра по Нова година. Подоцна било утврдено дека заштедата со години ја чувал во ормар, заедно со облека третирана со нафталин, супстанција што се користи како репелент против молци.

Поради ваквото складирање, банкнотите биле покриени со кристали од нафталин – материја што е токсична и лесно запалива при загревање. Кога парите биле ставени во машината за броење, честичките нафталин најверојатно се распрснале во воздухот и преку системот за климатизација дошле до внатрешноста на благајната.

Според првичните информации, искра што персоналот не ја забележал навреме предизвикала тлеење на банкнотите. Кога благајната била отворена и влегол кислород, тлеењето преминало во отворен пламен, по што се појавил густ чад во просторијата.

Во пожарот била уништена околу една шестина од готовината што се наоѓала во благајната – приближно 200.000 лева (околу 102.000 евра). Благодарение на брзата реакција, пожарот бил локализиран, а нема повредени лица, ниту меѓу вработените ниту меѓу клиентите.

Локалните власти и банката спровеле увид за да се утврдат сите околности, а инцидентот послужи како предупредување за ризиците од неправилно чување готовина и употреба на запаливи хемиски средства во домаќинствата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни