Бугарија ги проверува засолништата: дали Македонија знае каде се нејзините скривници

Бугарските власти започнаа проверка на засолништата од бомби поради растечките безбедносни тензии во регионот, додека во Македонија голем дел од скривниците со години се запуштени и ретко се проверуваат.

Бугарските институции започнаа да собираат информации за бројот и состојбата на засолништата од бомби низ земјата. Според медиумските извештаи, регионалниот управител на Варна побарал проверка на капацитетите и техничката исправност на ваквите објекти, со цел да се утврди дали тие можат да се користат во евентуална вонредна состојба.

Во извештаите се наведува дека во Бугарија постојат бројни објекти кои историски биле наменети за заштита на населението, но нивната реална употребливост денес е неизвесна. Како пример се споменува подземен бункер во софискиот округ Лозенец, кој последен пат бил користен за време на Втората светска војна и со години стои запуштен.

Во описот на објектот се наведуваат долги коридори со ознаки кон различни простории, како и остатоци од вентилациски и санитарни системи. Просторот има два влеза и повеќе простории кои некогаш служеле како менза, санитарии и работни простории.

Градоначалникот на округот, Константин Павлов, изјавил дека ваквите објекти потенцијално би можеле да примат неколку стотици луѓе, но дека нивната употреба би барала сериозни подобрувања, особено во делот на вентилацијата и осветлувањето. Во иднина се разгледува и можност дел од ваквите бункери да бидат пренаменети во културни простори.

Како најголемо потенцијално засолниште во Бугарија се посочува метрото во Софија, кое има повеќе од 50 километри тунели. Според директорот на „Метрополитен“, во случај на вонредна состојба би можеле да се користат и пероните и тунелите, а капацитетот би зависел од конкретните потреби.

Според податоците цитирани во медиумите, во Бугарија има 247 засолништа кои можат да се користат. Од нив, 18 се оценети како технички подготвени за итна употреба, додека 229 се во состојба која би можела да се доведе во функција во рок од една недела.

Во исто време, се поставува прашањето во каква состојба се скривниците во Македонија. Според претходни податоци, во земјата постојат повеќе од сто вакви објекти, но само дел од нив се подготвени за користење во вонредна ситуација.

Голем дел од скривниците со години се запуштени, а некои се користат како привремено засолниште од бездомници или зависници од дрога. Во одредени случаи, објектите се и мета на кражби, при што се отстрануваат металните врати или делови од опремата.

Со засолништата во земјата управува Дирекцијата за заштита и спасување, која ги презеде од Министерството за одбрана по одлука на Владата во 2005 година. Од институцијата претходно информираа дека дел од скривниците се реновирани, главно во Скопје и Велес, додека обновата на останатите зависи од буџетските средства.

Иако ваквите објекти се наменети за заштита на населението во случај на воени дејства или нуклеарен напад, состојбата на многу од нив отвора прашање дали би можеле да се користат во реална вонредна ситуација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни