Бугарија утре, на 1 јануари 2026 година, официјално ќе го воведе еврото како законско средство за плаќање, со што нејзината национална валута левот „ќе замине во историјата“. Поради оваа промена, властите на оваа земја-членка на Европската унија предупредуваат дека за време на новогодишната ноќ може да дојде до привремени технички застои во банкарскиот систем и во плаќањата со картички.
Плаќањето со платежни картички и подигањето готовина од банкомати нема да биде возможно во одреден временски период, поради што на граѓаните, како и на посетителите кои доаѓаат во Бугарија, им се препорачува да имаат доволно готови пари.
Банкарските системи во Бугарија ќе бидат технички ресетирани во новогодишната ноќ. Поради тоа, ПОС-терминалите во продавниците и рестораните привремено ќе бидат надвор од функција, банкоматите нема да издаваат готовина, ниту ќе примаат картички.
Прекинот ќе трае приближно од 21 часот на 31 декември до околу еден и пол час по полноќ на 1 јануари, по што системите постепено треба да се вратат во нормална работа, но со новата валута – еврото. Курсот на конверзија ќе биде фиксен: едно евро ќе изнесува 1,95 лева.
Со воведувањето на еврото како официјална валута, Бугарија станува 21. членка на еврозоната. Со тоа, земјата добива и место во Советот на гувернери на Европската централна банка, што ѝ овозможува директно учество во носењето одлуки за монетарната политика.
