Бугарскиот модел успева, а македонскиот стагнира: разликата во студентскиот стандард

Бугарските универзитетски центри – од Софија до Пловдив и Варна – градат стабилен систем на поддршка за студентите, додека Македонија со години останува меѓу добрите закони и слабата институционализација.

Додека Македонија сè уште се обидува да го пронајде сопствениот модел за студентски стандард, Бугарија – земја што ретко ја поврзуваме со силни социјални политики – тивко гради стабилен, институционализиран и предвидлив систем за поддршка на студентите.

Тоа не е резултат на спектакуларни реформи, туку на јасна административна филозофија: студентот е јавен ресурс, а не трошок. За разлика од тоа, македонскиот модел останува заробен меѓу добри законски формулации и недоволна практична реализација.

Според податоците на Eurydice, Бугарија планира финансирањето на високото образование да не падне под 0.9% од БДП – бројка што им дава сигурност на универзитетите и покажува дека државата го третира образованието како стратешки сектор.

Во рамките на овој модел постојат грантови за студенти од социјално ранливи категории, грантови за студенти со висок академски успех и универзални грантови со широк опфат. Тоа се годишно планирани мерки, што претставува еден од најголемите контрасти во однос на Македонија, каде студентските мерки премногу често се менуваат зависно од буџетот и политичката динамика.

Бугарскиот модел: институции наместо импровизации

Во разговор со Мила Игнатовска, студентка на Софиски универзитет Св. Климент Охридски – Биологически факултет, Редакцијата на ТРН успеа да ги забележи главните разлики меѓу македонскиот и бугарскиот студентски стандард.

Кога ќе се погледне студентскиот живот во Софија, Пловдив и Варна, се добива јасна слика за тоа како функционира систем кој навистина е поставен да им служи на студентите. Во Софија, студентите добиваат бесплатна картичка за оброци со која имаат пристап до студентски кантини на повеќе локации низ градот – најчесто во близина на студентските домови. Таму, цел оброк (салата, главно јадење, десерт, пијалок и овошје) чини околу 150 денари, што ја прави овозможена и квалитетна исхраната без дополнителни трошоци. Оваа организација не е политичка мерка, туку дел од универзитетската инфраструктура.

Системот на домување е една од најсилните страни на бугарскиот модел. „Студентски град“ во Софија е населба каде 80% од зградите се студентски блокови – цел универзитетски екосистем со сопствени правила, навики и инфраструктура. Право на дом има секој студент што не живее во Софија, но приоритет имаат странските студенти.

Парното греење и топлата вода ги покрива државата, а студентот плаќа симболични 30 евра месечно за наем, додека струјата и водата ретко надминуваат 10 евра. Домовите се реновираат постепено, блок по блок, а студентите од објектите што се обновуваат привремено се префрлаат во други блокови – безбедноста и континуитетот се гарантирани. Хигиената е секојдневно одржувана, а инспекции на собите се вршат еднаш месечно. Влезот во секој блок е обезбеден со портиер 24/7 и персонализирани картички.

Недостатоците, како на пример застарениот мебел во дел од блоковите, студентите ги решаваат сами – но системот на стабилно сместување останува неговата најголема предност. При аплицирање, странските студенти автоматски добиваат место, додека бугарските студенти влегуваат во два круга и мораат да одржуваат одреден академски успех за да го задржат домот следната година.

Финансиската поддршка ги зацврстува основите на системот. За студентите од регионалните држави со бугарско потекло – вклучително и од Македонија, Србија, Албанија, Косово и Украина – постои специфична стипендија од 120 евра месечно, која се добива 12 месеци по аплицирањето. Единствениот услов за следната година е сите испити да бидат положени. За бугарските студенти, стипендиите зависат од успехот и социјалниот статус. Износите не се менуваат додека трае стипендијата, што создава сигурност и предвидливост. Постојат дополнителни стипендии и еднократни помошти за социјално ранливи категории.

Студентскиот стандард дополнително е засилен преку други мерки. Школарината за студентите со бугарско потекло е значително пониска или целосно покриена, здравствената заштита е бесплатна до 26 години, превозната карта чини околу 450 денари месечно и важи за автобус, трамвај и метро, а спортот е задолжителен и бесплатен во првите две години, со избор меѓу околу 30 спортови. Студентите се охрабруваат да подигнат ISIC-картичка за попусти во ресторани, културни настани, транспорт и хотели низ Европа.

Особено важна е академската компонента: студентите не мораат да купуваат учебни материјали – сите материјали се поставени на универзитетска платформа. Професорите се достапни, комуницираат транспарентно и активно соработуваат со студентите, што создава функционален образовен амбиент.

Македонскиот парадокс: добар закон, слаб систем

Македонскиот студентски стандард на хартија изгледа пристојно: стипендии, домови, субвенциониран оброк – но, реалноста е кревка и непредвидлива. Мерките се менуваат од година во година, студентскиот оброк ја губи вредноста поради инфлација, мензи нема, а домови недостигаат. Студентите што живеат приватно немаат никаква субвенција, а цените на кириите се нерегулирани и често недостапни.

Иако на хартија постои систем на студентски стандард, праксата е далеку од ваквата конзистентност. Системот на домување е ограничен и често во лоша состојба, мензите не постојат, стипендиите се недоволни, а трошоците за живот во приватни станови ги туркаат студентите во финансиски ризик.

Студент кој живее во Софија, Пловдив или Варна може да покрие сместување, храна, превоз и основни трошоци со околу 500 до 600 евра месечно. Во Македонија, истите трошоци лесно може да ја надминат оваа бројка, особено ако студентот живее приватно – бидејќи нема никаква субвенција за приватни станови, а пазарот на кириите е нерегулиран и често недостапен. Разликата станува уште поголема за оние што воопшто не добиваат место во студентски дом, што честопати ги турка кон несигурни финансиски аранжмани или зависност од семејството.

Токму затоа споредбата со Бугарија покажува дека разликата не е во богатството на државата, туку во организираноста. Бугарија не издвојува драматично повеќе средства, но гради систем што функционира. Македонија, ако сака да ја задржи својата младина, мора да престане да ги третира студентите како категорија која може да се одложи во буџетските пресметки и да започне да гради предвидлива, долгорочна и институционализирана политика.

Намалувањето на буџетот за студентски стандард во 2026 година ја заострува оваа слика: кога младите се категории на кои лесно се кратат средства, системот станува опасно нестабилен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни