Бугарија се наоѓа пред историска економска пресвртница – во јуни се очекува Брисел да ѝ даде зелено светло за влез во еврозоната. Но, наместо еуфорија, голем дел од бугарските граѓани реагираат со страв и скепса.
„Ако Бугарија влезе во еврозоната, тоа ќе биде како да се качиме на Титаник“, изјави Николај Иванов, пензиониран функционер, на протестот против замената на националната валута – левот – со еврото.
Од почетокот на годинава, незадоволните граѓани организираат протести и бараат референдум за ова прашање. Во атмосфера на зголемени дезинформации, економски стравови и политички турбуленции, еврозоната се претвора во симбол на поделба.
Стари рани, нови стравови
Сѐ уште се свежи спомените од економската катастрофа во 1996–1997 година, кога 14 банки пропаднаа, а хиперинфлацијата надмина 300%. Многумина сега стравуваат дека сличен удар може да се повтори со воведување на еврото.
Анкетите покажуваат дека речиси половина од Бугарите се против приклучувањето на земјата кон еврозоната. Граѓаните се плашат од поскапувања, губење на контрола врз домашната економија и уште подлабока сиромаштија.
„Сиромашните се плашат дека ќе станат уште посиромашни“, вели Боријана Димитрова од истражувачкиот институт „Алфа“.
Политика и пропаганда
Противниците на еврото ги засилуваат кампањите. Крајнодесничарската партија „Препород“ повикува на митинзи, а на некои од протестите се веат и руски знамиња. Дезинформациите на социјалните мрежи тврдат дека „Брисел ќе ги конфискува заштедите на граѓаните за да ја финансира Украина“.
Дури и претседателот Румен Радев, кој важи за проруски ориентиран, неодамна ја изненади јавноста со изјава дека треба да се одржи референдум за еврото, обвинувајќи ја владата дека не се грижи доволно за најранливите слоеви од општеството.
Според Евростат, минатата година дури една третина од бугарските граѓани биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост.