Будистички монаси пристигнаа во Вашингтон по 3.700 километри долг „Поход за мир“

Дваесет и четворица будистички монаси по три месеци пешачење низ девет сојузни држави стигнаа во Вашингтон со порака за мир, сочувство и единство во време на растечки тензии во САД.

Облечени во препознатливи портокалови мантии, дваесет и четворица будистички монаси пристигнаа во Вашингтон по 3.700 километри долг „Поход за мир“ – духовно патување низ девет американски сојузни држави, во кое беа пречекани од илјадници луѓе.

Монасите тргнале од Тексас пред повеќе од три месеци, а на патот се соочиле со екстремни временски услови, вклучително и ледени температури и зимски бури. Дел од трасата ја поминале боси, со цел да подигнат „свест за мирот, љубезноста и сочувството низ Америка и светот“.

Во Вашингтон беа пречекани од бројни граѓани кои велат дека ваквата иницијатива доаѓа во вистинско време.

„Луѓето го сакаат ова“, изјави Џоан Донохју (59) од Мериленд, која со пријатели дошла да ги поздрави монасите. „Се чувствуваме поделени и на земјата ѝ треба повеќе љубезност, повеќе сочувство и повеќе мир“, додаде таа.

Патување низ снежни бури и арктички студ

И покрај силната зимска бура што зафати голем дел од САД – со обилен снег, лапавица и ледена дождовница од долината Охајо до Нова Англија – монасите не го прекинале патувањето. Арктичкиот студ дополнително ги отежнал условите, но тие продолжиле да чекорат кон главниот град.

Со нив патува и Алока, куче спасено од Индија, кое на социјалните мрежи стана познато како „Кучето на мирот“ и привлече голем број следбеници.

Порака во време на тензии

Походот се одвива во период на зголемени политички и општествени тензии во САД. Строгите имиграциски политики на американскиот претседател Доналд Трамп доведоа до засилено присуство на федерални агенти и припадници на Националната гарда во одредени градови, а имаше и случаи на смртни инциденти поврзани со федерални служби.

Духовниот водач на „Походот за мир“, Бхику Панаккара, нагласи дека нивната цел не е протест, туку внатрешна трансформација.

„Не чекориме за да протестираме, туку за да го разбудиме мирот кој веќе живее во секој од нас“, изјави тој. „Овој поход е едноставен, но значаен потсетник дека единството и добрината започнуваат од секој поединец и можат да се прошират кон семејствата, заедниците и општеството во целина.“

Монасите денеска ќе останат во Вашингтон, а нивното патување ќе заврши утре во Анаполис, во сојузната држава Мериленд, со симболична церемонија за мир.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни