Буч Кесиди со „Модерне врски“ повторно во МКЦ

По речиси три години, српското инди-поп дуо Буч Кесиди се враќа на сцената во МКЦ со концертна промоција на новиот албум „Модерне врски“.

МКЦ Скопје повторно ќе биде центарот на регионалната алтернативна сцена — на 19 декември (петок), публиката ќе ги дочека Буч Кесиди, еден од најавтентичните и најомилените бендови на новиот балкански поп. Настапот е дел од концертната промоција на новиот албум „Модерне врски“, со кој дуото се враќа на местото каде што започна нивната скопска приказна.

Продажбата на билетите започнува на 24 октомври во 10:00 часот, а интересот е веќе огромен — бидејќи секој концерт на Буч Кесиди во Скопје прераснува во мал културен феномен.

Дуото, составено од Лука Ражнатовиќ и Зоран Зарубица, изгради своја препознатлива естетика што ја спојува меланхолијата на осумдесеттите со модерната електро-поп енергија. Нивниот претходен албум „Euforija“ (2019) ги постави како водечки гласови на младата сцена, со песни како „Nema ljubavi u klubu“, „Đuskanje ne pomaže“, „Tiho“ и „Draga?“, кои станаа химни на урбаната генерација.

Новото издание, „Модерне врски“, е продолжение на тој звук – меланхолично и емотивно искрено. Албумот зборува за љубовта, растојанието и современата осаменост во дигиталната ера. Тие се издвојуваат со нивните сингловите „Curimo po asfaltu“, „Ko me zove“, и „Nedelja popodne“, кои со својата лиричност и продорна продукција веќе го освојуваат регионот.

Буч Кесиди успеваат да го претворат секој настап во аудиовизуелно искуство — комбинација од ретро синтови, танцувачки грув и интензивна визуелна естетика. Нивниот повраток во МКЦ најавува вечер која ќе биде повеќе од концерт: ќе биде ретро-футуристичко патување низ љубов, звук и носталгија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни