Овие бројки, велат епидемиолозите, укажуваат дека вирусот сè поинтензивно циркулира и дека сезоната влегува во фаза на забрзано ширење.
Во споредба со истиот период од минатата сезона, растот е уште поголем: бројот на заболени е повисок за 75,4 проценти. Успоредено со долгорочниот модел за последните 15 сезони, регистрирано е зголемување од 2,7 проценти, што покажува дека годинашниот епидемиолошки тренд веќе го надминува просекот.
Случаи на грип се пријавени во 11 центри за јавно здравје и подрачни единици низ државата. Најголем број новодијагностицирани има во Куманово, 49 случаи, следено од Струмица со 16, Штип со 11 и Тетово со 9 заболени. Гостивар регистрира 7 случаи, Прилеп и Кавадарци по 6, Македонски Брод 5, Неготино 3, а по еден случај се евидентирани во Радовиш и Скопје.
Од почетокот на сезоната 2025/2026 досега се евидентирани вкупно 776 заболени лица, раст од 70,9 проценти во однос на лани, и зголемување од 25,9 проценти во споредба со последните 15 сезони. Кумулативни случаи се пријавени во 15 центри за јавно здравје, а најмногу заболени се регистрирани на подрачјето на Гостивар. Истовремено, највисока инциденца во однос на бројот на жители е забележана во Македонски Брод.
Најзасегната е возрасната група од 15 до 64 години, во која се пријавени 584 случаи, тренд што е очекуван со оглед на тоа што ја опфаќа најголемата категорија од населението.
Институтот за јавно здравје потсетува дека сезонската вакцинација останува најдобрата заштита од тешки форми на грип и потенцијални компликации, особено кај хронично болни лица, постари граѓани, бремени жени и здравствен персонал. Надлежните апелираат до граѓаните да се вакцинираат навреме, да ги следат препораките од матичните лекари и да внимаваат на личната хигиена и избегнување контакт со заболени лица, бидејќи податоците јасно покажуваат дека сезоната веќе е во подем и ќе продолжи да се интензивира.
Извор: Рацин.мк
