Брутална тепачна во турскиот парламент: Летаа тупаници поради новите министри, на пратеник му е скршен нос

Хаос во турскиот парламент за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек. Изби тепачка меѓу пратеници од CHP и АК партијата, а на еден му бил скршен нос.

Драматични сцени ја одбележаа седницата на Големото народно собрание на Турција, каде што изби жестока тепачка меѓу пратениците на опозициската Републиканска народна партија (CHP) и владејачката Партија на правдата и развојот (АК), во моментот кога новиот министер за правда Акин Гурлек се упати кон говорницата за да положи заклетва.

Инцидентот се случил за време на расправата по „Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за патен сообраќај“. Пред почетокот на дебатата, заклетва требало да положат новоименуваните министер за правда Акин Гурлек и министерот за внатрешни работи Мустафа Чифтчи.

Тензиите ескалирале откако претседателот на пратеничката група на CHP изјавил дека именувањето на Гурлек е „неуставно“, обвинувајќи го дека го политизирал судството во Истанбул. Пратениците од АК партијата возвратиле дека изборот е легитимен и дека министерот е именуван со мнозинство гласови.

Вербалната расправија брзо преминала во физички судир. Пратениците се приближиле до говорницата, а според турските медиуми, летале тупаници, имало туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината на 15 минути, а во метежот, како што се наведува, на пратеникот на CHP, Махмут Танaл, му бил скршен нос.

Турска новинарка која ја следела седницата изјавила дека тензијата била очигледна уште со доаѓањето на новоименуваните министри, а кулминирала кога потпретседателот на парламентот Бекир Боздаг го повикал Гурлек да положи заклетва. Според нејзините зборови, некои пратеници дури ги соблекле и чевлите, а подот во салата бил оштетен за време на инцидентот.

И покрај хаосот, по паузата седницата продолжила, а министерот Гурлек ја положил заклетвата, опкружен со пратеници од АК партијата.

Настанот предизвика силни реакции во турската јавност, а снимките од тепачката брзо се проширија на социјалните мрежи.

Извор: Huriyet

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни