БРТ во Скопје нема да минува низ зеленилото, трасата се менува

Трасата на БРТ во Скопје се менува. Автобусите ќе се движат по крајните ленти наместо низ средишното зеленило.

Трасата на Брзиот автобуски превоз во Скопје ќе се измени и наместо низ средишното зеленило ќе се движи по крајните коловозни ленти, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Овие ленти веќе се предвидени за автобуси, но често се користат и од други возила, поради што ќе се постави дополнително зеленило како физичка бариера.

Од кабинетот на градоначалникот информираат дека со ова решение се заштитуваат природните ресурси, вклучително и водоснабдувањето на градот.

Проектот предвидува изградба на две линии, Исток-Запад и Север-Југ, воведување нови нископодни автобуси на ЦНГ или хибриден погон, како и поставување паметни станици и информативен систем.

Ѓорѓиевски посочи дека проектот не може да се прекине бидејќи за него веќе е земен кредит, а најави и можност за проширување на трасата кон Драчево.

БРТ проектот започна во 2020 година, но неговата реализација беше блокирана во изминатите години. Во меѓувреме, државата плаќа околу 350.000 евра годишно камата за кредитот од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.

Според најавите, изградбата треба да заврши до 2029 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни