БРТ конечно тргнува: Со 70 милиони евра инвестиција Орце Ѓорѓиевски го стратува проектот започнат од Петре Шилегов

Владата го одобри проектот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје вреден 70 милиони евра – две линии, нови еко-автобуси и модерни станици треба да го трансформираат јавниот превоз до 2029 година.

Скопје влегува во нова фаза на модернизација на јавниот превоз. Владата донесе одлука да го поддржи проектот за брз автобуски превоз (БРТ), кој треба да донесе побрз, поефикасен и поеколошки транспорт во главниот град.

Проектот ќе се реализира со заем од Европската банка за обнова и развој во вредност од 70 милиони евра. Средствата ќе бидат префрлени од Владата на Град Скопје како неповратна поддршка, со цел непречена реализација.

Планот предвидува изградба на две главни линии на БРТ-системот – една во правец Исток–Запад и втората Север–Југ. Покрај инфраструктурата, ќе се набават и нови CNG/хибридни нископодни автобуси, ќе се воведе модерен систем за информирање на патници, како и „паметни“ станици и интегрирано управување со сообраќајот.

Според надлежните, БРТ претставува систем на јавен превоз кој функционира по принцип на „метро на тркала“ – со посебни ленти, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила. Ова треба значително да го намали времето на патување и сообраќајниот метеж.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оцени дека проектот е еден од најзначајните инфраструктурни зафати во последните години. Според него, новиот систем ќе донесе побрз, сигурен и предвидлив превоз, но и ќе придонесе за намалување на загадувањето.

„Ова е инвестиција во квалитетот на живот, почист воздух и функционален јавен превоз“, порача Ѓорѓиевски.

Со договорот за имплементација, веќе одобрен од ЕБОР, се утврдуваат обврските на институциите – Министерството за транспорт, Министерството за финансии и Град Скопје – како и механизмите за управување со средствата и спроведување на проектот.

Покрај БРТ, властите најавуваат и поширок транспортен пакет, кој вклучува набавка на нови еколошки автобуси и развој на градски железнички систем. Целта е создавање комбиниран и поефикасен јавен превоз, кој ќе одговори на растечките потреби на градот.

Рокот за завршување на проектот е февруари 2029 година. Дотогаш, Скопје треба да добие современ транспортен систем што ќе го доближи до европските стандарди – барем на хартија, а останува да се види и во пракса.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни