Бројот на загинати во вчерашното урнување на кровот во ноќниот клуб во главниот град на Доминиканската Република пораснал на 124, соопштиле властите, додека потрагата за преживеани станува сè по безнадежна.
Повеќе од 150 луѓе се спасени од урнатините, но властите од вчера попладне по локално време не најдоа преживеани. Хуан Мануел Мендез, раководител на центарот за итни операции во Доминиканската Република, изјави дека спасувачките екипи очекуваат дека ќе им бидат потребни дополнителни 24 до 36 часа за да ја завршат потрагата.
Екипите на итните служби распоредиле тешка механизација за да го забрзаат процесот на спасување. Несреќата се случила завчера околу 45 минути по полноќ, за време на концертот на популарниот доминикански пејач Руби Перез, кој е меѓу загинатите, според зборовите на неговиот менаџер и членови на неговото семејство. На настанот присуствувале политичари, спортисти и други познати личности.
Поранешните играчи на MLB, Октавио Дотел и Тони Бланко, исто така загинале во урнувањето, потврдиле локалните власти. Меѓу жртвите е и Нелси Круз, гувернерка на северната покраина Монтe Кристи, изјави претседателот Луис Абинадер. Круз била сестра на поранешниот бејзбол играч Нелсон Круз, седумкратен MLB All-Star играч. Синот на министерот за јавни работи и комуникации исто така загинал во несреќата.