Бројот на загинати во тешката железничка несреќа во Шпанија, кога два воза излегоа од шините, порасна на најмалку 39 лица, додека бројот на повредени е зголемен на најмалку 73, од кои 24 се во тешка состојба. Меѓу тешко повредените има и четири малолетни лица.
Бројот на жртви би можел дополнително да се зголеми во наредните часови, бидејќи еден од излезените вагони е „тешко оштетен“, изјави претседателот на регионалната влада на Андалузија, Хуанма Морено, пренесува шпанската телевизија Еспања. Меѓу загинатите е и еден машиновозач.
Повеќето од повредените се хоспитализирани во болницата „Реина Софија“.
Откриена скршена спојница на шините
Извор запознаен со првичните резултати од истрагата соопшти дека експертите откриле скршена спојница на шините, што се смета за можен клучен фактор за несреќата.
Техничарите на терен утврдиле абење на спојот меѓу деловите на шините, познат како спојна плоча, и наведуваат дека дефектот постоел подолго време. Оштетената спојница создала празнина меѓу шините, која се зголемувала со секое поминување на возовите.
Според истражителите, токму оваа спојница е од клучно значење за утврдување на точната причина за несреќата. Шпанската Комисија за истрага на железнички несреќи (CIAF) сè уште не даде официјален коментар.
Машиновозачите претходно предупредувале на лоша состојба на пругите
Шпанскиот синдикат на машиновозачи повеќепати го предупредувал железничкиот оператор ADIF за сериозни оштетувања на брзите железнички пруги, вклучувајќи ја и линијата во Адамуз, Кордоба, каде се случи трагедијата.
Во писмата до ADIF, синдикатот наведувал дека дупки, нерамнини и проблеми со надземните водови предизвикувале чести дефекти и оштетувања на возовите. Неименуван член на синдикатот изјави дека машиновозачите „секојдневно“ ги известувале надлежните, но без конкретна реакција.
Како се случи несреќата
Несреќата се случила околу 19:45 часот во градот Адамуз, во јужната шпанска покраина Андалузија, кога воз кој сообраќал од Малага кон Мадрид излегол од шините и навлегол на соседниот колосек, каде што се наоѓал друг воз на релација Мадрид – Уелва, по што и тој излетал од шините.
Министерот: „Несреќата е исклучително чудна“
Шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте изјави дека несреќата е „исклучително чудна и многу тешко објаснива во овој момент“.
Тој потсети дека пругата била реновирана минатата пролет, а возот Irio бил „практично нов“, стар помалку од четири години.
Пореметен железничкиот сообраќај во цела Шпанија
Поради несреќата, железничкиот сообраќај е сериозно нарушен низ целата земја. Погодени се повеќе од 200 возови, а суспендирани се сите 113 дневни брзи линии меѓу Мадрид и Андалузија (Севиља, Кордоба, Малага и Уелва).
Се очекува нарушувањата да траат најмалку до крајот на денот.