Бројот на жртви од катастрофалниот пожар во Домот за стари лица во Тузла порасна на 13 лица. Синоќа, во 23:01 часот, во Универзитетско-клиничкиот центар Тузла починала уште една пациентка која имала тешки изгореници и повреди од пожарот, објави Klix.ba.
Пациентката се наоѓала на Клиниката за анестезиологија и реаниматологија, каде била приклучена на респиратор поради тешката состојба. И покрај напорите на лекарите, таа им подлегнала на повредите.
Состојбата на повредените
По пожарот, во УКЦ Тузла биле хоспитализирани 30 лица, а моментално на лекување се наоѓаат 13 пациенти.
„На Клиниката за анестезиологија и реаниматологија има тројца пациенти, од кои еден е на респиратор.
На Клиниката за белодробни болести се лекуваат шест пациенти (еден полицаец и пет корисници на домот).
На Интерна клиника има тројца пациенти со стабилна состојба, а на Урологија е хоспитализиран еден пациент, исто така стабилен“, соопштија од УКЦ Тузла.
Истрагата открила бројни пропусти
Обдукцијата на 11 жртви покажала дека сите починале поради задушување, а едно тело било делумно зафатено од пламен.
Трагедијата отвори многу прашања за условите во домот, особено зошто неподвижни лица биле сместени на најгорните катови, што ја направило евакуацијата речиси невозможна.
Дополнително, било утврдено дека за 185 корисници се грижеле само тројца медицински работници, а под истрага се и финансиското работење и раководството на установата.
Причината за пожарот сè уште не е утврдена, но директорот на Домот за стари лица веќе поднел оставка.