Градоначалникот на Луисвил, Крег Гринберг соопшти дека бројот на загинати при уривањето на товарен авион на компанијата „UPS“ во американската сојузна држава Кентаки се искачи на 12 лица.
– Сега можам да потврдам дека има 12 жртви, изјави Гринберг за локалната телевизија WHAS, додавајќи дека троца од нив биле членови на екипажот на авионот.
– Со оглед на тоа што видовме, не би ме изненадило ако бројката на жртви уште се зголеми, рече градоначалникот, само еден час откако гувернерот на Кентаки, Анди Бешир, соопшти дека спасувачките тимови преминуваат од „фаза на спасување“ во „фаза на опоравување“.
– Ништо слично не сум видел досега, изјави Гринберг. – Половина милја долга област исполнета со изгорен и искривен метал, уште тлеат жаришта и чад, мирисот… апсолутно разорувачки, појасни тој.
Бешир претходно изјави дека се очекува бројот на жртви да достигне 12 и дека меѓу нив најверојатно има и едно дете.
Повеќе од десет лица се повредени, некои од нив тешко, со изгореници, вдишан чад и повреди од шрапнели.
Според Федералната управа за воздухопловство (FAA), авионот McDonnell Douglas MD-11 полетал од аеродромот „Мухамед Али“ во Луисвил во вторник околу 17:15 часот (22:15 GMT) кон Хонолулу, на Хаваи.
Само неколку моменти подоцна, според видеоснимки од местото, авионот се урна и експлодира во огромна огнена топка. Полицијата соопшти дека се урнал околу пет километри јужно од аеродромот.
Причините за несреќата ги истражува Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB).