Бројот на заболени од рак на грлото на матката расте

Во Македонија бројот на нови случаи на рак на грлото на матката расте. Експертите истакнуваат дека ХПВ вакцинацијата и редовниот скрининг се клучни за превенција и спас на животи.

Најмладите пациентки на кои им бил дијагностициран рак на грлото на матката во Македонија имаат само 18 години, додека средната возраст за дијагноза изнесува 55 години. Ова загрижувачко сознание беше соопштено на настанот по повод Неделата за подигнување на свеста за борба против овој вид карцином, организиран од Македонското лекарско друштво и Македонското здружение за цервикална патологија.

Бројот на новодијагностицирани случаи расте од година во година. На Клиниката за онкологија, во 2024 година биле третирани 74 пациентки, а лани бројката пораснала на 122.

Проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво и на здружението за цервикална патологија, истакна дека од 2030 година сите земји треба да применуваат ХПВ тест како стандард за скрининг на рак на грлото на матката.

„Втората работа е дека тие што ќе ги откриеме треба да ги третираме. За тоа имаме обучен кадар и подготвени сме за имплементација на ХПВ базираниот скрининг“, истакна професорот.

Проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, директорка на Клиниката за гинекологија, цитираше студија од Институтот за епидемиологија која покажува дека во периодот 2016–2023 година биле дијагностицирани 2.263 пациентки, а 540 од нив (околу 24%) починале.

„Загрижува што овој карцином се појавува кај се помлади пациентки и е целосно превентабилен. Целта е да ја зголемиме свеста кај јавноста“, додаде таа.

Експертите потенцираат дека ризикот од рак на грлото на матката се намалува со ХПВ вакцина и редовен скрининг, кој би требало наскоро да биде воведен и во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни