Бројот на заболени од грип во Македонија расте – 117 нови случаи оваа недела и 571 досега

Се зголеува бројот на заболени од грип во земјава. За една недела регистрирани се 117 нови случаи и вкупно 571 досега. Ова е значително повеќе во однос на истата недела минатата година, кога беа забележани 64 случаи.Македонија забележува постепено зголемување на бројот на лица кои се разболуваат од грип или слични инфекции.

Најмногу заболени се во Гостивар (35), Куманово (30) и Тетово (14). Во други градови како Штип, Скопје, Кавадарци, Струмица, Радовиш, Охрид, Неготино, Битола и Прилеп бројот на нови случаи е под 10. Најзасегната е возрасната група од 15 до 64 години (89 случаи), додека 24 случаи се кај постари луѓе над 65 години. Меѓу децата, 3 се од 5–14 години и едно дете е на возраст 0–4 години.

Од 17 тестирани примероци за грип и слични вируси, ниту еден не е позитивен за грип. Детектиран е само еден случај на коронавирус. Кумулативно, од почетокот на сезоната се пријавени 571 случај, што е речиси двојно повеќе од минатата сезона за истиот период. Најмногу заболени има во Гостивар (195 случаи), а највисок процент на заболени во однос на населението е во Македонски Брод (257,1 на 100.000 жители).

Како да се заштитите?

Сите можат да превземат едноставни мерки за заштита. Избегнувајте места каде има многу луѓе и контакти со болни. Миење и чистење на рацете со сапун или дезинфекционо средство. Проветрување на просториите каде престојувате. Топла храна и пијалоци, овошје и зеленчук. Доволно сон, движење и намалување на стресот.

Лекарите советуваат – доколку се разболите: останете дома, пијте многу течности, избегнувајте контакти со други, покривајте го носот и устата кога кашлате или кивајте, и одржувајте чиста околина. Постари лица, хронично болни или оние со влошени симптоми треба да се обратат кај лекар.

Вакцинација – најдобрата заштита

Вакцинацијата е најлесниот начин за заштита од грип. За сезоната 2025/2026 се обезбедени 80.000 бесплатни вакцини за постари лица, деца, хронично болни, бремени жени и здравствени работници. Вакцинацијата започна на 16 октомври и се спроведува низ здравствените домови и центрите за јавно здравје. Досега вакцинирани се 74.569 лица.

Состојба во Европа

Сезоната на грип во Европа започна околу четири недели порано од вообичаеното. Во 45-та недела, три земји (Казакстан, Шпанија и Албанија) пријавиле зголемен број на заболени. Најзасегнати се постарите луѓе, а најчест тип на вирус е Influenza A(H3).

Коронавирусот (COVID-19) се намалува, но сè уште се регистрираат случаи. Вирусот RSV, кој најчесто зафаќа деца, е на ниско ниво, но хоспитализациите се зголемени. Позитивноста на тестовите за грип во примарната здравствена заштита во Европа е околу 17%, со очекуван пик од 50% во декември или јануари.

Најризични се постари лица, бремени жени, хронично болни, имунокомпромитирани и деца.

СЗО препорачува: вакцинација, останување дома кога сте болни, миење на рацете, подобрување на воздухот во просториите и носење маска на места со многу луѓе.

Раното започнување на сезоната на грип оваа година налага зголемена внимателност. Комбинираните мерки – вакцинација, чисти раце, проветрување и избегнување на масовни собирања – се клучни за заштита на најранливите. Со овие едноставни чекори можеме да го намалиме бројот на заболени и да ги заштитиме семејствата и заедницата во свет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни