Бројот на загинати мигранти од Африка при бродоломот кај брегот на Јемен денеска се искачи на најмалку 68 лица, а 74 се сè уште исчезнати, соопшти Меѓународната организација за миграции (IOM).
Шефот на мисијата на IOM во Јемен, Абдусатор Есоев, изјави за агенцијата AP дека на бродот во моментот на несреќата имало 154 мигранти од Етиопија, од кои само 12 преживеале.
Бродот се превртел во близина на јеменската провинција Абјан. Телата на 54 мигранти биле изфрлени на брегот во областа Канфар, додека уште 14 тела биле пронајдени на друга локација и пренесени во болничка мртовечница.
Операција за пронаоѓање исчезнатите
Претходно во текот на денот, безбедносната управа на провинцијата Абјан соопшти дека е во тек широка операција за пронаоѓање на исчезнатите мигранти, кои се удавиле при обид нелегално да влезат во Јемен.
И покрај граѓанската војна која трае во Јемен од 2014 година, нелегалната миграција не запира, особено од Етиопија, која и самата се соочува со етнички конфликти и сиромаштија.
Миграција преку опасниот премин Баб ел-Мандеб
Мигрантите го минуваат морскиот теснец Баб ел-Мандеб, кој ги раздвојува Џибути и Јемен. Тоа е критична рута не само за меѓународната трговија кон и од Суецкиот канал, туку и за миграцијата и трговијата со луѓе.
Според податоци на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (UNHCR), десетици илјади мигранти се заглавени во Јемен, каде што се изложени на експлоатација, насилство и злоупотреба за време на нивното патување.