Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката „Пулс’ во Кочани неофицијално се искачи на 60 лица, меѓу кои има и малолетници. Меѓу загинатите е и полицаец од Пробиштип кој вечерта бил на должност во дискотеката, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од 59-те починати идентификувани се 35 лица, од кои 31 лице е од Кочани, а 4 од Штип.
-Во овој момент се постапува и во Министерството за економија од каде се обезбедува документација за дискотеката како и за лица поврзани со истата. Загинат е и еден полициски службеник од полициската станица Пробиштип кој во моментот бил службено ангажиран односно постапувал по претходно изготвен план за угостителски објекти во делот со недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во дискотеката“, изјави денес Тошковски.
За четири лица распишана е потерница, а колку лица досега се приведени Тошковски не кажа. Не даде ни информација за тоа за кои лица е распишана потерница.
„Вклучени ќе бидат сите инспекциски служби кои во текот на денот ќе извршат контрола. Буквално сите кои имаат врска во процес на контрола, се анализира буквално сè што може да биде поврзано со овој ужасен настан како во делот на градежно-техничката документација, во делот на лиценци, постапување и обезбедување на објектот“, рече Тошковски.
Пожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез на едниствената врата во објектот. Според првичните информации, како што претходно кажа министерот Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК.
Преживеани велат дека од пиротехниката на сцена се запалил стиропорот на таванот, имало експлозија и паднал покривот врз присутните. По ова настанало стампедо и сите брзале да излезат на едниствената врата.