Пожарот кој избувнал во хотел од 12 спрата во турскиот ски центар Карталкаја, близу Болу, до сега однел најмалку 76 животи, потврди министерот за внатрешни работи на Турција, Али Џерликаја. Трагедијата се случила во раните утрински часови, кога пожарот го зафатил ресторанскиот дел во хотелот, кој бил речиси целосно исполнет поради зимските празници.
Министерот за правда на Турција, Јилмаз Тунч, соопштил дека за истрагата на оваа несреќа биле ангажирани шест обвинители, додека е формиран тим од пет експерти. Тој потврдил дека во рамки на истрагата се приведени девет лица, вклучувајќи го и сопственикот на хотелот, додека претходно беа приведени четири лица.
Пожарот избувнал во хотелот кој се наоѓа на висина од 2.200 метри во популарниот ски центар Карталкаја, околу 3:30 часот наутро, а го зафатил ресторанскиот дел во кој престојувале 237 гости. Поради големата посетеност, хотелот бил речиси целосно пополнет, што дополнително го отежнало процесот на евакуација. И покрај брзата реакција на персоналот на хотелот, поради паниката и хаотичната ситуација, многу гости побрзале да го напуштат хотелот.
На местото на настанот брзо пристигнале пожарникарски единици од Болу и Гереде, како и тимови на медицинска помош, полиција, жандармерија и АФАД (Турска агенција за вонредни ситуации). Пожарникарите стигнале на местото на настанот за 40-45 минути, но поради дрвената конструкција на зградата, огнот брзо се проширил на целиот објект.
Министерот Џерликаја ја потврдил трагичната вест за зголемување на бројот на жртвите, додека властите продолжуваат со истрагата за да ги утврдат точните причини и одговорните за несреќата.