Британските власти соопштија дека ќе обезбедат помош од 20 милијарди фунти (23 милијарди евра) за претпријатијата со цел да се ублажи влијанието од трговската војна што ја започна претседателот на САД, Доналд Трамп, со царинските мерки.
Овој нов пакет помош ќе му овозможи на јавното тело UK Export Finance да ја „прошири поддршката“ за британските компании, се наведува во соопштението на Министерството за финансии, каде што се прецизира дека вкупниот износ на фондот сега изнесува 80 милијарди фунти (92 милијарди евра).
Се очекува илјадници компании да имаат корист од оваа иницијатива, вклучувајќи ги и оние што се директно погодени од царинските мерки, како што е познатиот Ролс-Ројс (Rolls Royce).
„Светот се менува, поради што е поважно од кога било да ги поддржиме нашите врвни компании“, изјави министерката за финансии, Рејчел Ривс (Rachel Reeves).
САД воведоа царини од 25 проценти на увозот на челик, алуминиум и автомобили. Покрај тоа, воведени се и царини од 10 проценти, што е најниската објава за Велика Британија, во споредба со Европската Унија на која ѝ се наметнати 20 проценти.
Трамп во средата ги одложи царинските мерки за околу 60 други трговски партнери за 90 дена.
Велика Британија веќе неколку недели преговара за економски договор со САД, чии детали сè уште не се јасни.
Британскиот министер за трговија, Џонатан Рејнолдс (Jonathan Reynolds), изјави дека „преговорите“ со САД продолжуваат и дека „сите опции“ се на маса доколку не може да се постигне договор.