Британскиот регулатор истражува како функционира Гугл-пребарувањето

Британскиот антимонополски регулатор објави дека ќе спроведе истрага за услугите за пребарување на Гугл, со цел да утврди како тие влијаат врз потрошувачите и компаниите, вклучувајќи ги огласувачите, конкурентските пребарувачи и издавачите на вести.

Управата за заштита на конкуренцијата и пазарите (CMA), која неодамна доби нови овластувања за истрага на големите технолошки компании, истакна дека оваа истрага е од клучно значење за економскиот раст и правилното функционирање на конкуренцијата, пренесува Ројтерс.

„Милиони луѓе и компании се потпираат на услугите за пребарување и огласување на Гугл. Над 90% од пребарувањата се одвиваат на оваа платформа, а повеќе од 200.000 британски компании се рекламираат таму“, изјави директорката на Управата, Сара Кардел.

Според неа, целта на истрагата е да се обезбедат најголеми можни придобивки за потрошувачите и да им се овозможат фер и поволни услови.

Овој потег доаѓа откако во ноември американските обвинители побараа од судот Гугл да го продаде својот прелистувач Хром, да споделува податоци и резултати од пребарување со конкурентските компании и да преземе мерки за прекинување на својот монопол врз онлајн пребарувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни