Одговарајќи на прашања во Парламентот, Стармер потсети дека Лабуристичката партија во својот предизборен манифест од минатата година јасно се обврза дека земјата нема да се враќа ниту во царинската унија, ниту во единствениот европски пазар.
Премиерот истакна дека Британија веќе има силен трговски договор со САД „подобар од кој било друг“ и дека пристапување кон царинската унија со ЕУ би го довело во прашање овој однос.
Редок политички преседан: изедначено гласање во Парламентот
Дебатата беше поттикната од предлог-законот на Либералните демократи, кој од владата бара да започне преговори за создавање нова специјална царинска унија со ЕУ. Тринаесет пратеници од редовите на Лабуристите го поддржаа предлогот.
Гласањето заврши изедначено 100 „за“ и 100 „против“ што претставува прв ваков случај од 2019 година. Заменичката претседателка на парламентот, Керолин Ноукс, го даде пресудниот глас во корист на законот, дозволувајќи дебатата да продолжи.
Аргументите: од намалена бирократија до „економски неуспех“
Портпаролот на Либералните демократи за европски прашања, Ал Пинкертон, тврдеше дека влезот во царинска унија би ја намалил бирократијата, би поттикнал инвестиции и би ѝ вратил сигурност на британската економија.
Тој изјави дека Брегзит бил „погубен економски неуспех“ што ги задушил инвестициските текови, ја ослабнал економската отпорност и ја нарушил трговијата.
Внатрешни тензии во владата
Минатата недела, заменик-премиерот Дејвид Лами предизвика бурни реакции кога седум пати одби да ја исклучи можноста за поништување на Брегзит, посочувајќи дека напуштањето на ЕУ „сериозно ја оштети економијата“.
Иако призна дека повторното приклучување во царинска унија моментално не е официјална политика, Лами истакна дека многу земји забележале економски раст по вакви интеграции, изјава што предизвика дополнителни шпекулации за идниот правец на британската влада.
Малку веројатно финале
Иако предлогот формално помина во следна фаза на дебата, експертите оценуваат дека без поддршка од владата тој речиси сигурно нема да биде усвоен. Сепак, парламентарната расправа покажува дека политичките поделби околу односите со ЕУ, пет години по Брегзит, остануваат подеднакво силни и влијателни во британската политика.
Извор:N1info.rs
