314 пратеници гласаа „за“, а 291 „против“, што го носи законот чекор поблиску до конечно усвојување. Тој сега се проследува до Горниот дом, кој може да го измени или одложи, но не и да ја поништи одлуката на Долниот дом.
Ова се смета за една од најзначајните промени во британската социјална политика по делумната легализација на абортусот во 1967 година.
Што предвидува законот?
Законот би им овозможил на сите терминално болни лица над 18 години, на кои им се предвидува живот пократок од шест месеци, да поднесат барање за асистирана смрт. Самиот болен би требало да биде способен самостојно да ги земе смртоносните лекови.
Барањето би го потпишале двајца лекари, како и комисија составена од социјален работник, правник и психијатар. Спроведувањето на законот би траело четири години, што значи дека би стапил во сила во 2029 година, паралелно со следните парламентарни избори.
Длабоко поделени мислења
Застапниците на законот велат дека ова е прашање на достоинство и слобода на избор за лицата со тешки болести. Противниците, пак, предупредуваат дека постарите и лицата со попреченост би можеле да се најдат под директен или индиректен притисок да си го одземат животот.
Пред гласањето, стотици луѓе се собраа пред парламентот – едни носеа маички со порака „Кампања за достоинствена смрт“, а други држеа транспаренти со кои бараа од пратениците да не ја претворат Националната здравствена служба во, како што велат, „Национална служба за самоубиства“.
Гласање според совест, не според партија
Гласањето беше оставено на совеста на пратениците – односно, тие не беа обврзани да гласаат по партиска линија. Некои од оние кои го поддржаа законот претходно, сега изразија разочараност од измените и недостигот на време за дебата.
Премиерот Кир Стармер изјави дека ќе го поддржи законот, додека министерот за здравство Вес Стритинг се противи, но вети дека ќе го почитува исходот.
Што е асистирано самоубиство?
Асистираното самоубиство засега е легално во Австрија, Белгија и некои сојузни држави во САД. Се разликува од еутаназијата – која е дозволена во Канада и Холандија – каде што медицинско лице директно дава смртоносна инјекција по барање на пациентот, под строги услови.