Според истрагата, 35-годишниот Џихад Ал-Шами, британски државјанин со потекло од Сирија, по нападот сам се јавил во полиција, изјавувајќи дека делува во име на Исламска држава. Тој претходно со автомобил удрил во пешаци, а потоа нападнал луѓе со нож во синагога во областа Крампсол, токму за време на Јом Кипур – најсветиот ден во еврејскиот календар.
При интервенцијата, безбедносните сили го ликвидирале напаѓачот, кој, според полицијата, веројатно носел појас со експлозив. Дополнително, полицијата потврди дека една од двете жртви била случајно застрелана при размена на оган.
Жртвите на нападот се 53-годишниот Адријан Долби и 66-годишниот Мелвин Кравиц.
Портпаролот на полицијата изјави:
„Можеме да потврдиме дека во раната фаза од нападот, осомничениот се јавил во полиција и ја изразил својата лојалност кон таканаречената Исламска држава. Истрагата продолжува со засилено темпо за да се расветлат сите околности и мотиви.“
Шефот на антитерористичката единица, Лоренс Тејлор, претходно изјави дека властите веруваат оти Ал-Шами бил под влијание на екстремистичка исламска идеологија, иако досега не бил на радарот на антитерористичките служби.
Сепак, тој имал криминално досие и неодамна бил приведен за силување, по што бил ослободен со кауција.
Семејството на Ал-Шами во изјава на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека е „длабоко шокирано“ од нападот и дека се оградува од неговото „одвратно дело“, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите.
Извор: N1info.rs