Британската влада отвори ТикТок профил со видеа од рации против мигранти

Со кратки и драматични видеа од полициски акции и депортации, владата во Лондон се обидува да покаже дека сериозно се справува со имиграцијата – тема што доминира во јавната и политичката дебата во Британија.

Британската влада отвори официјален профил на ТикТок под името „securebordersuk“, на кој објавува видеа од рации против мигранти осомничени за нелегална работа. Целта, според владините претставници, е да се испрати јасна порака и до гласачите и до потенцијалните мигранти дека државата зазема цврст став кон имиграцијата, која многумина ја сметаат за еден од најголемите проблеми на Обединетото Кралство.

Едно од видеата, во траење од 20 секунди, прикажува низа сцени во кои оклопени полицајци уриваат врати, изведуваат луѓе од работни простории со лисици на рацете, како и авиони што полетуваат. Видеото е проследено со драматична музика и пораки на екранот што укажуваат на зголемен број рации и депортации, пренесува Reuters. Видеото завршува со пораката: „И ова е само почеток“.

Потегот е дел од пошироката стратегија на британскиот премиер Кир Стармер да ја врати поддршката од јавноста по 18 месеци на власт, период во кој неговата Лабуристичка партија заостанува зад десничарската партија Reform UK, предводена од Најџел Фараж.

Портпарол на Стармер изјави дека новиот канал ќе помогне да се допре до поширока публика, да се спречи ширењето неточни наративи на интернет и директно да им се обрати на мигрантите кои размислуваат да дојдат во Британија.

Имиграцијата како клучна политичка тема

Според Reuters, сè повеќе европски влади заземаат построг став кон миграцијата, а истражувањата на јавното мислење покажуваат дека имиграцијата е меѓу главните грижи на британските гласачи. Анкета на Ipsos од 2025 година покажала дека Reform UK се смета за најдоверлива партија кога станува збор за ова прашање.

Британската влада соопшти дека од доаѓањето на власт во јули 2024 година, апсењата на нелегални работници и бројот на рации достигнале највисоко ниво во историјата на земјата. Според официјалните податоци, бројот на рации е зголемен за 77 отсто, а апсењата за 83 отсто, особено во сектори како салони за нокти, автоперални и фризерници.

Сивата економија често се наведува како еден од главните фактори што привлекуваат десетици илјади мигранти да влезат нелегално во Британија со мали чамци од Франција. Во услови на намалени јавни услуги и повисоки даноци, ваквите нелегални пристигнувања станаа централна политичка тема. Според податоците што ги наведува Reuters, повеќе од 40.000 луѓе пристигнале на овој начин во текот на 2025 година.

Сепак, овие пристигнувања сочинуваат само мал дел од вкупната нето имиграција во Британија, која нагло опаѓа со стапувањето во сила на построги правила за визи.

Критики за „клик-бејт политика“

Видеото објавено на ТикТок предизвика критики од различни страни – едни сметаат дека владата треба да оди уште подалеку, додека други оценуваат дека содржината е неосетлива кон луѓето што се прикажани.

„Оваа влада очигледно е зависна од евтини политички поени што ги добива претворајќи ја бруталноста на рациите во клик-бејт забава на интернет“, изјави Сејл Рејнолдс од хуманитарната организација Freedom from Torture.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни