Базата на Кралските воздухопловни сили (RAF) Акротири на Кипар била погодена во напад за кој се сомнева дека е изведен со дрон, потврди Министерството за одбрана на Обединетото Кралство. Во нападот нема жртви, но како мерка на претпазливост, персоналот кој не е неопходен за функционирањето на базата привремено ќе биде преместен. Владата на Обединетото Кралство сè уште не потврдила од каде потекнува дронот, пренесува Sky News.
Реакција на Министерството за одбрана
Портпарол на Министерството за одбрана изјави дека вооружените сили реагирале на нападот што се случил околу полноќ по локално време.
„Нивото на заштита на нашите сили во регионот е на највисоко можно ниво, а базата реагираше со цел да ги заштити нашите луѓе“, изјави портпаролот. „Станува збор за настан што сè уште е во тек, а дополнителни информации ќе бидат објавени навремено.“
Според информации на Sky News, дронот што учествувал во инцидентот бил мал. Вооружените сили неодамна распоредиле дополнителни ресурси во своите бази на Кипар, вклучително и системи за одбрана од дронови, борбени авиони F-35 и радарски системи.
Министерството за одбрана соопшти дека овие дополнителни капацитети се наменети исклучиво за одбранбени цели, првенствено за откривање и неутрализирање воздушни закани.
Поширок контекст на конфликтот
Нападот се случил само неколку часа откако премиерот Кир Стармер потврдил дека Обединетото Кралство им дозволило на САД користење одбрани британски бази за напади врз ирански ракетни постројки. Според Sky News, станува збор за базите RAF Fairford во Глостершир, базата на Кипар и базата Диего Гарсија на спорните острови Чагос.
По оваа објава, Либералните демократи предупредија на „лизгав терен“ и ризик САД да „ја вовлечат Британија во уште една долготрајна војна на Блискиот Исток“.
Портпарол на кипарската влада изјави: „Информациите што ги добивме преку различни канали укажуваат дека станувало збор за беспилотно летало што предизвикало ограничена штета.“
Судирите на Блискиот Исток влегуваат во трет ден, а САД и Израел продолжуваат со нападите врз Иран по смртта на врховниот водач ајатолах Али Хамнеи. Се проценува дека повеќе од 200.000 британски државјани, вклучително и воен персонал, се изложени на ризик во Заливот, додека Техеран лансира нови проектили кон соседните земји.