Британија забрзано ги развива плановите за подготовка на земјата за можен воен конфликт

Британија забрзано ги развива плановите за подготовка на земјата за можен воен конфликт. Министерот Ал Карнс нагласува улогата на целото општество и засилени мерки против шпионажа од Русија, Кина, Иран и Северна Кореја.

Обединетото Кралство „забрзано развива“ планови за целосна подготовка на земјата за можен воен конфликт, изјави министерот за вооружени сили, Ал Карнс. Тој предупреди на „сенката на војната“ која се надвиснала над Европа и истакна дека непријателските разузнавачки активности против Британија во последната година се зголемиле за повеќе од 50 проценти, јавува Sky News.

Карнс нагласи дека клучната улога во голем конфликт ќе ја има целото општество. „Армиите, морнарицата и воздухопловството реагираат на кризи, но војните ги добиваат општествата, индустриите и економиите“, рече министерот. „Сенката на војната повторно чука на вратата на Европа. Тоа е реалност. Мораме да бидеме подготвени да ја одвратиме.“

Неговите коментари следат само ден по предупредувањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека Европа мора да се подготви за конфликт со Русија со размери како што „нашите дедовци и прадедовци преживеале“, alудирајќи на Првата и Втората светска војна.

Одговор на шпионажата

Британија ја потврди сериозноста на заканата со објавување дека нивото на непријателски разузнавачки активности – вклучувајќи шпионажа, хакерски напади и физички закани – против вооружените сили и Министерството за одбрана е зголемено за повеќе од 50 проценти во последната година. Главни осомничени се Русија, Кина, Иран и Северна Кореја.

Во одговор, британската влада формира нова одбранбена контраразузнавачка единица за зајакнување на способноста за откривање и попречување операции на непријателските држави. Исто така, се спроведува реорганизација во Министерството за одбрана, каде различните воени разузнавачки гранки се спојуваат во нова организација наречена Воена разузнавачка служба (Military Intelligence – MI), со иницијали исти како кај познатите MI5 и MI6.

Улога на целото општество

Карнс, поранешен полковник на специјалните сили, најави промени за време на посета на строго тајна воена база RAF Wyton. На прашање дали треба повеќе да се информира јавноста за можните жртви, министерот потврди дека се работи интензивно на тоа.

„Во тек е целосна подготовка помеѓу Министерството за одбрана, Владата и пристапот на целото општество, за да се разбере што конфликтот значи и каква е улогата на секој граѓанин ако тргнеме во војна“, рече тој. „Не станува збор само за распоредување на армијата, туку и за заштита на секој дел од нашата територија. Овој процес е во тек и се развива забрзано.“

Повраток на плановите од Студената војна?

Обединетото Кралство некогаш имаше детални планови за премин од мирнодопско во воено време, познати како Владината воена книга (War Book), која опфаќаше инструкции за сите сегменти на општеството – од армија и полиција до училишта и болници. Системот беше напуштен по завршувањето на Студената војна, но изјавите на Карнс сугерираат дека модерна верзија би можела повторно да се воведе.

Реалност без плашење

Министерот истакна дека е важно јавноста да ја разбере новата безбедносна реалност. „Многумина не гледаат, не слушаат ниту чувствуваат опасност, и покрај војната во Украина која влијае и на нивниот живот, на пример преку цените на горивата. Мораме тоа да им го приближиме на луѓето за да разберат, не да се плашат, туку да бидат реалистични и да сфатат од каде доаѓаат заканите и зошто одбраната и пристапот на целото општество се толку важни“, заклучи Карнс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни