Британската влада најави дека ќе ја разгледа можноста за воведување ограничувања, па дури и забрана на социјалните мрежи за тинејџерите, поради растечките загрижености за онлајн безбедноста и прекумерното време поминато пред екран. Премиерот Кир Стармер порача дека „ниту една опција не е исклучена“, вклучително и прашањето до која возраст децата треба да имаат пристап до социјалните медиуми.
Во фокусот на дебатата се и алгоритмите што поттикнуваат бесконечно скролање и зависничко однесување, како и изложеноста на нерегулирана и потенцијално штетна содржина. Британската влада најави консултации со родители, млади и експерти за да се утврди како технологијата може да се користи побезбедно, без целосно исклучување од дигиталниот свет.
Дискусијата се интензивира откако Австралија донесе закон со кој им се забранува на децата под 16 години користење на социјални мрежи, модел што сè повеќе пратеници во Велика Британија го посочуваат како пример. Британски владини претставници најавија дека ќе отпатуваат во Австралија за подетално да се запознаат со ефектите и примената на овие мерки.
