Британија испраќа втор воен брод во Медитеранот

По разорувачот HMS Dragon, Лондон го подигна и десантниот брод RFA Lyme Bay на повисоко ниво на подготвеност поради растечките тензии на Блискиот Исток.

Обединетото Кралство подготвува втор брод за распоредување во Средоземното Море, соопшти британското Министерство за одбрана.

Откако претходно беше најавено дека разорувачот HMS Dragon од типот 45 се подготвува за мисија, властите во Лондон потврдија дека и бродот RFA Lyme Bay е ставен во повисока состојба на подготвеност за „извршување поморски задачи во источниот Медитеран“, пренесува Sky.

Портпарол на Министерството за одбрана изјави дека станува збор за мерка на претпазливост.

„Како дел од внимателното планирање одлучивме да го подигнеме нивото на подготвеност на RFA Lyme Bay, во случај да биде потребен за поддршка на поморските задачи во источниот Медитеран“, соопшти министерството.

RFA Lyme Bay е десантен брод кој може да функционира и како воздушна платформа. Често се користи за хуманитарни мисии и операции за помош при природни катастрофи.

Каква улога може да има бродот

Според европскиот дописник Алистер Банкал, кој се наоѓа на Кипар, бродот пред сè има логистичка функција и може да обезбеди поддршка за операции на море.

RFA Lyme Bay е еден од трите десантни логистички бродови во состав на Royal Fleet Auxiliary, кои обезбедуваат снабдување, логистичка поддршка и оперативна помош за Кралската морнарица и Кралските маринци ширум светот.

Бродот располага и со болнички капацитети и може да се користи за евакуација на луѓе во случај на хуманитарни кризи. Според специјализираниот портал Navy Lookout, моментално се наоѓа во Гибралтар и е најблискиот британски брод до зоната на конфликт.

Британската влада претходно се соочи со критики поради одложувањето на распоредувањето на разорувачот HMS Dragon, кој од пристаништето Портсмут треба да исплови дури утре.

Воени движења низ Европа

Аналитичарите посочуваат дека најверојатната задача на RFA Lyme Bay би можела да биде евакуација на британски државјани од Либан доколку конфликтот во регионот се прошири.

Постои и можност бродот да се приклучи на носачката група бродови што Франција веќе ги испрати во регионот.

„Во Европа има значителни воени поместувања“, вели Банкал, укажувајќи на напорите на европските земји да ги зајакнат своите одбранбени капацитети во регионот поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни