Британската влада најави обемен пакет мерки за реформа на водниот сектор во Англија и Велс, кој го опишува како најголем преустрој од приватизацијата во доцните 1980-ти години. Реформите доаѓаат по години јавен притисок поради зголемени загадувања, истекувања и прекини во водоснабдувањето, пренесува BBC.
Построга контрола и ненајавени инспекции
Министерката за животна средина Ема Рејнолдс изјави дека водоводните компании кои лошо работат „нема каде да се сокријат“. Таа оцени дека досегашниот модел, во кој компаниите во голема мера сами се оценувале, претставувал „неуспех на целиот систем – на регулацијата, на регулаторите и на самите компании“.
Меѓу најавените мерки се ненајавени инспекции, редовни технички прегледи по примерот на автомобилскиот технички преглед и задолжителни ознаки за ефикасност на потрошувачката на вода на апарати како машини за перење и садомиечи.
Нов регулатор и „паметна“ технологија
Планот предвидува формирање нов регулатор кој ќе го замени Ofwat, со специјализирани тимови што ќе ги следат поединечните компании според нивните конкретни проблеми. Во рамки на новата структура ќе има и функција главен инженер.
Владата наведува дека воведувањето паметни водомери и јасни ознаки за ефикасност ќе им помогне на домаќинствата подобро да ја следат потрошувачката и трошоците. Сепак, официјални лица признаваат дека воспоставувањето на новиот регулатор може да потрае една година или повеќе, додека компаниите предупредуваат дека резултатите од инвестициите нема да бидат веднаш видливи.
Критики од активисти и експерти
Реформите следат по ревизијата што ја предводеше Сер Џон Канлиф, која содржеше 88 препораки, но без разгледување на можноста за национализација на секторот. Активистите сметаат дека предложените промени не одат доволно далеку.
Извршниот директор на River Action, Џејмс Волас, оцени дека владата ја признава сериозноста на кризата со слатките води, но дека ѝ недостига итност и храброст за суштински реформи. Слично реагираше и Surfers Against Sewage, чииот директор Џајлс Бристоу ги нарече предлозите „навредливи“, предупредувајќи дека профитниот модел е коренот на проблемот.
Последици за потрошувачите
Проблемите во секторот повторно излегоа во фокус откако десетици илјади корисници на South East Water останаа без вода неколку дена околу Божиќ. Според Consumer Council for Water, бројот на поплаки од корисници се зголемил за 50 проценти, што ја зајакна потребата од посилен и задолжителен механизам за заштита на потрошувачите.
„Доказот ќе биде во реките“
Активистите посочуваат дека вистинскиот тест за реформите ќе биде состојбата на реките. Во 2024 година, водоводните компании испуштиле непречистена канализација во реките и морињата на Англија вкупно 3,61 милиони часа што претставува рекордно ниво. Во 2025 година, прекините во снабдувањето пораснале за 8%, инцидентите со загадување за 27%, а задоволството на корисниците опаднало за 9%.
Просечните сметки за вода пораснале за 26%, односно 123 фунти годишно, како дел од план за инвестиции од 104 милијарди фунти во следните пет години, од кои повеќе од 40% се наменети за нова инфраструктура.