Британија му возврати на Трамп: „Обединети сме во поддршката за Украина“

Британската влада ги отфрли тврдењата на Доналд Трамп дека Европа „само зборува“ за Украина без резултати. Лондон порача дека е целосно посветен на поддршката за Киев и на заедничките напори со САД за постигнување праведен мир

Британската влада денес ги отфрли изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека европските лидери трошат премногу време дискутирајќи за војната во Украина без да остварат конкретни резултати. Трамп вчера, во интервју за Politico, изјави дека европските лидери „премногу зборуваат“, но не придонесуваат кон завршување на конфликтот.

„Тие не испорачуваат ништо“, рече Трамп. „Ние зборуваме за Украина. Тие зборуваат, но не спорачуваат ништо. А војната само продолжува.“

Интересно е што токму Politico денес го прогласи Трамп за највлијателната личност што ќе ја обликува европската политика во наредната година – признание кое претходно го добија Володимир Зеленски, Џорџа Мелони и Виктор Орбан.

„Ги отфрламе Трамповите тврдења“

Портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер се спротистави на Трамповата интерпретација на мировните преговори, кои се во клучна фаза речиси четири години по почетокот на руската инвазија.

„Тоа би го отфрлиле“, рече портпаролот. „Видовте колку земји се вклучени во дискусиите на Коалицијата на волни. Исто така, го видовте и придонесот на Обединетото Кралство во санкциите, вклучувајќи ја и таканаречената сенковита флота.“

Тој потврди дека Британија останува целосно посветена на американскиот мировен план за Украина и ги поздрави „значајните напори на САД да донесат мир – нешто што никој не го посакува повеќе од претседателот Зеленски.“ Дополнително, ги отфрли Трамповите тврдења дека Европа е „континент во пропаѓање“ управуван од „слаби“ луѓе.

„Видовте силен однос меѓу премиерот и претседателот“, додаде тој, споменувајќи го и неодамна потпишаниот трговски договор меѓу САД и Обединетото Кралство како пример на партнерство за „обезбедување и создавање работни места.“ Посочи и на единството во рамките на Е3 – Британија, Германија и Франција – кои во понеделник разговарале со Зеленски: „Ќе продолжиме да работиме на зајакнување на позицијата на Украина за да се стави крај на овој варварски конфликт.“

Трамп го нападна и градоначалникот на Лондон

Во интервјуто Трамп го спомена и градоначалникот на Лондон, Садик Кан, тврдејќи дека бил избран „затоа што дошле многу луѓе кои сега гласаат за него.“ Од Даунг Стрит пристигна воздржан дипломатски одговор:
„Премиерот има силен однос и со американскиот претседател и со градоначалникот на Лондон, и посветен е на заедничка работа за доброто на британскиот народ.“

Сепак, Трамповите коментари предизвикаа жестоки реакции кај дел од лабуристичките пратеници.
„Силата е во способноста да работите со другите, да ги слушате и да градите партнерства“, рече Емили Торнбери. „Не е сила да се туркаат луѓето на страна.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни