Британскиот регулатор за заштита на податоците започна истрага против X и xAI, компании поврзани со Илон Маск, поради сомнежи дека AI-четботот Grok генерирал сексуализирани дипфејк содржини без согласност, вклучително и со жени и малолетници.
Според британската Канцеларија на комесарот за информации, постојат сериозни прашања околу тоа како биле користени лични податоци за создавање интимни или сексуализирани слики и дали биле воспоставени соодветни заштитни механизми. Од регулаторот предупредија дека губењето контрола врз личните податоци може да предизвика сериозна и непосредна штета, особено кога се вклучени деца.
Оваа истрага е дел од поширок надзор врз Grok и платформата X. Минатиот месец и британскиот регулатор за онлајн безбедност Ofcom отвори постапка за да утврди дали X ги исполнува обврските за заштита од нелегална содржина.
Во меѓувреме, и Европска комисија започна истрага за тоа дали платформата презела доволни мерки за спречување на создавање и ширење вакви слики.
Grok, кој е достапен преку социјалната мрежа X, минатиот месец се најде под меѓународна критика откако корисници со едноставни текстуални команди успеале да создадат сексуализирани диипфејкови. Случајот отвори нови прашања за одговорноста на AI-системите и улогата на платформите во заштитата на корисниците.
