Десетици бебиња во Обединетото Кралство развиле симптоми слични на труење откако консумирале повлечени серии млечна формула за доенчиња, соопшти Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија. Случаите се поврзуваат со неодамнешните повлекувања на бебешка храна поради сомнеж за присуство на токсинот церелуид.
Според официјалните податоци, регистрирани се вкупно 36 клинички пријави на деца со симптоми како повраќање и дијареја. Најголем дел од случаите се забележани во Англија, каде се пријавени 24 деца со вакви симптоми, додека во Шкотска се евидентирани седум случаи, во Велс три, во Северна Ирска еден, како и еден случај на т.н. Крунски поседи. Сите деца консумирале млечна формула од серии кои подоцна биле повлечени од пазарот, пренесува Independent.
Минатиот месец, прехранбениот гигант Nestlé повлече повеќе од 60 серии од својата SMA млечна формула, поради загриженост дека производите би можеле да содржат термоотпорен токсин церелуид, кој може да предизвика повраќање и дијареја кај доенчињата. Повлекувањето подоцна беше проширено и на други брендови и пазари, при што опфати над 60 земји и прерасна во едно од најголемите повлекувања во историјата на компанијата, вклучувајќи производи под брендовите SMA, Beba, Guigoz и Alfamino.
Церелуид е топлински стабилен токсин што го произведува бактеријата Bacillus cereus, која може да се развие во храна под одредени услови. Најчестите симптоми се повраќање и дијареја, кои обично се појавуваат од 30 минути до три часа по внесувањето и често личат на симптоми на стомачен вирус.
Контаминацијата, според досегашните информации, започнала на почетокот на декември 2025 година. На 10 декември, Nestlé во Франција првпат објави повлекување на адаптирано млеко за доенчиња произведено во нивната фабрика во Холандија, поради сомнеж за контаминација со церелуид. Истражувањата ја поврзуваат контаминацијата со еден кинески добавувач на ARA масло, односно арахидонска киселина, која е клучна состојка во премиум формулите за бебиња.
Француското Министерство за здравство соопшти дека причинско-последичната врска меѓу контаминацијата и смртта на две новороденчиња во Франција сè уште не е научно потврдена. Компанијата Nestlé, пак, информира дека продолжува внимателно да го следи развојот на ситуацијата и дека соработува целосно и транспарентно со надлежните институции со цел обезбедување на безбедноста на производите.
