Бриселскиот аеродром Завентем откажа речиси 2.500 летови поради штрајкови во 2025 година

Повеќе од 330.000 патници беа погодени од прекините во авио-сообраќајот, а штрајковите ја чинеле белгиската економија околу 175 милиони евра.

Бриселскиот аеродром Завентем во текот на 2025 година бил принуден да откаже речиси 2.500 летови поради различни штрајкови, објави белгиската новинска агенција Белга. Поради прекините во работата, авио-сообраќајот бил сериозно нарушен, а последиците ги почувствувале повеќе од 330.000 патници.

Според податоците, сообраќајот на најголемиот аеродром во Белгија бил погоден во дури седум наврати во текот на годината, најчесто како резултат на национални синдикални акции кои довеле до целосни или делумни прекини во работењето.

Управата на аеродромот претходно овој месец соопшти дека штрајковите ја чинеле белгиската економија околу 175 милиони евра. Фламанскиот пратеник Кјел Вандер Елст, кој ги објави податоците, предупреди дека секој ден штрајк носи економска штета од околу 25 милиони евра.

„На долг рок, ваквата состојба е погубна за доверливоста и имиџот на нашиот аеродром“, изјави Вандер Елст, додавајќи дека последиците не се ограничени само на авио-индустријата, туку се одразуваат и врз пошироката економска стабилност на земјата.

Тој ја критикуваше и политиката на федералната влада, која одлучи дополнително да ја зголеми таксата за летови подолги од 500 километри, што од 2027 година ќе изнесува 10 евра, додека истовремено фламанската влада најави инвестиции од 2,77 милијарди евра во компанијата што управува со аеродромот.

Фламанската влада преку инвестицискиот фонд PMV стекна 39 отсто сопственички удел во Brussels Airport Company, со што стана најголем поединечен акционер на аеродромот, потег што отвори дополнителни дебати за приоритетите во управувањето со клучната транспортна инфраструктура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни