Регионот Брисел доби влада по 613 дена од изборите

Седум партии формираа коалиција со двојно мнозинство во франкофонската и фламанската заедница; главна точка на спор биле јавните финансии

Регионот на главниот град Брисел, една од трите федерални територијални единици во Белгија, доби влада по 613 дена од регионалните избори, со што е поставен нов белгиски рекорд во формирање регионална влада. Договорот бил постигнат синоќа, речиси 20 месеци по изборниот процес.

Новата влада ќе ја сочинуваат седум партии: три од франкофонската и четири од фламанската политичка сцена. За разлика од другите региони во Белгија, Фландрија и Валонија, во Брисел е потребна двојна мнозинство – во француската и во нидерландската јазична заедница за да се формира влада.

Од франкофонската страна во коалицијата влегуваат либералното движење Реформаторски покрет (MR), Социјалистичката партија (PS) и центристите Les Engagés. Од фламанската страна дел од владата се Зелените (Groen), социјалистите (Vooruit), либералите (Open Vld) и Христијанските демократи (CD&V).

Белгиската федерација се состои од три региони – Фландрија, Валонија и регионот на главниот град Брисел. Брисел е единствениот официјално двојазичен регион (француски и нидерландски), иако мнозинството жители зборуваат француски. Освен трите региони, постојат и три јазични заедници: фламанска, франкофонска и германска.

Секоја регија и секоја заедница има своја влада и парламент. Во Фландрија, регијата и јазичната заедница се споени и имаат заедничка влада и парламент. Регионите се надлежни за економија, транспорт, просторно планирање и животна средина, додека заедниците се надлежни за образование, култура, медиуми и јазична политика.

Главната точка на спор во преговорите за формирање на владата биле јавните финансии, односно намалувањето на буџетскиот дефицит и растот на јавниот долг. Поради отсуство на влада што би предложила буџет, долгот продолжил да расте и надминал 16 милијарди евра.

За разлика од федералното ниво, каде Белгија го држи светскиот рекорд од 541 ден за формирање влада во 2011 година, на регионално ниво досега не се случило процесот да трае толку долго.

Седумте партии се обврзале да го избалансираат регионалниот буџет до крајот на мандатот во 2029 година. Се очекува новата влада да го преземе управувањето со финансиската стабилизација и подготовката на буџетските мерки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни