Брисел лансира „базука“?

Според сегашните правила, Европската комисија има четири месеци да процени дали постои економска принуда, по што земјите-членки одлучуваат со квалификувано мнозинство за активирање на инструментот.

Европскиот парламент во понеделник ќе побара од Европската комисија да ја започне постапката за активирање на инструментот против економска принуда (ACI), најмоќното трговско оружје на ЕУ, против Соединетите Американски Држави, таканаречената трговска „базука“, изјави денес претседателот на Трговскиот комитет на Европскиот парламент, Бернд Ланг.

„Очекувам координаторите да одлучат да побараат покренување истражна постапка во врска со инструментот против принуда. Секако, сè уште има време до понеделник и ќе видиме што ќе се случи“, изјави Ланг пред новинарите во Стразбур, пренесува бриселскиот „Политико“.

Изјавата на Ланг доаѓа во време кога односите меѓу ЕУ и САД се на најниско ниво досега, по заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе го заземе Гренланд и ќе воведе царини за европските земји кои го поддржуваат Копенхаген.

Во рамките на ЕУ, решеноста за возврат на Трамп расте, а Европскиот парламент денес и формално ја замрзна ратификацијата на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД постигнат минатото лето.

„Европа мора да зборува на јазик што Трамп го разбира. Подготвени сме да започнеме со ACI. Би сакала одлуката да биде донесена денес, но се надевам на силна и унифицирана изјава во понеделник. Немаме време за губење“, рече Карин Карлсбро, европратеничка и членка на групата „Обнови ја Европа“.

Јирген Ворборн од Европската народна партија (ЕПП) зазеде повнимателен став, одразувајќи ја трансатлантската ориентација на неговата партија, додавајќи дека ЕУ сега треба дополнително да се координира и да ги разгледа сите опции во случај на нови потези на САД.

Инструментот против економска принуда, усвоен во 2023 година, ѝ овозможува на ЕУ да го ограничи пристапот до единствениот пазар од 500 милиони потрошувачи и предвидува широк спектар на контрамерки, вклучувајќи ограничувања на инвестициите, повлекување на заштитата на правата од интелектуална сопственост, суспендирање на деловните лиценци за компаниите, како и забрана за пристап до јавни набавки, но досега не е спроведен во пракса.

Според сегашните правила, Европската комисија има четири месеци да процени дали постои економска принуда, по што земјите-членки одлучуваат со квалификувано мнозинство за активирање на инструментот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни