Брисел им препорачува на земјите од ЕУ да трошат помалку вода

Овој цел – која не е правно обврзувачка – е дел од Европската стратегија за зачувување на водата

Извршната власт на Европската унија ги повика земјите-членки да помогнат во зголемувањето на ефикасноста на потрошувачката на вода низ ЕУ за најмалку 10 проценти до 2030 година, додека блокот се подготвува за сè посериозните последици од климатските промени.

Овој цел – која не е правно обврзувачка – е дел од Европската стратегија за зачувување на водата, објавена во среда. Таа има за цел обновување на водниот циклус кој е „длабоко погоден“ од загадување, климатски промени и деградација на животната средина.

Во посебна препорака, Европската комисија ги охрабрува земјите од ЕУ да „постават сопствени цели за ефикасност на потрошувачката на вода врз основа на нивните национални околности“.

Оваа иницијатива доаѓа во време кога Европа се соочува со повеќе водни кризи, вклучително и загадување со PFAS (т.н. „вечни хемикалии“) и нитрати, загуби во инфраструктурата, сè потешки суши и поинтензивни врнежи, пишува Politico.

Комисијата ќе соработува со земјите-членки на развој на заедничка методологија за поставување цели за ефикасност на водата, која ќе ги зема предвид разликите меѓу државите, регионите и секторите.

Во прегледот на стратегијата во 2027 година, Комисијата ќе развие „заеднички критериуми“.

На прашањето за тоа зошто целта од 10% е само препорака, еврокомесарката за животна средина Џесика Розвол изјави:

„За мене е очигледно дека мораме да имаме цели кон кои ќе се стремиме – но и да бидеме многу свесни дека ситуацијата е многу различна во различните земји-членки и региони.“

Таа се повика на денес објавениот извештај на Европската агенција за животна средина, кој ги наведува „клучните сектори“ со потенцијал за заштеда на вода, меѓу кои се: енергетскиот сектор, земјоделството i јавното водоснабдување

Европската инвестициска банка ќе ја поддржи стратегијата со повеќе од 15 милијарди евра финансирање во периодот 2025–2027 година, вклучително и за „голема инфраструктура и решенија засновани на природата“.

Комисијата, исто така, ќе започне јавно-приватна иницијатива за постигнување технолошки пробив во прочистување на загадувањето со PFAS и други долготрајни хемикалии.

Ова претставува промена во однос на претходниот нацрт на стратегијата, кој предвидуваше само „механизам за поддршка“ за санација на PFAS и јавно-приватни партнерства за нивно откривање и отстранување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни