Земјите-членки на Европската Унија го одобрија 19-тиот пакет санкции против Русија поради војната во Украина. Новите мерки предвидуваат забрана за увоз на руски течен природен гас, која ќе се спроведува во две фази. Краткорочните договори ќе престанат да важат по шест месеци, а долгорочните ќе бидат укинати од 1 јануари 2027 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп, за првпат во неговиот втор мандат, воведе санкции против Русија, насочени кон компаниите „Лукоил“ и „Росњефт“. Рускиот претседател Владимир Путин оцени дека ова е непријателски чин кој не придонесува за подобрување на руско-американските односи.
Трамп изјави дека санкциите се насочени кон најголемите руски нафтени компании со цел Москва да биде ставена под притисок и да се согласи на разговори за мир во Украина.
„Ова се огромни санкции. Се надеваме дека нема долго да траат и дека војната ќе биде решена“, рече тој.
Иако економското влијание не се очекува да биде драстично, овој потег претставува значајна промена во надворешната политика на Трамп, кој претходно тврдеше дека нема да воведува санкции сè додека европските земји не престанат да купуваат руска нафта.
Од Кремљ порачаа дека Русија е „имуна на санкции“. Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека ваквите мерки се контрапродуктивни и дека нема да донесат разумно решение за конфликтот во Украина, туку ќе предизвикаат негативни последици за глобалната економија.
Нафтата и гасот се најголемите извозни производи на Русија. „Росњефт“ и „Лукоил“ извезуваат околу 3,1 милион барели дневно, а „Росњефт“ произведува речиси 5% од глобалното производство на нафта. Главни купувачи се Кина, Индија и Турција.
Индија најави дека ќе го намали увозот на руска нафта поради новите санкции, додека Кина се спротивставува на европските мерки, иако постојат индикации дека и таа ќе го ограничи увозот под притисок на Вашингтон.
„Кина не е дел од кризата во Украина. Нашата цел е да поттикнеме преговори и помирување, без испорака на смртоносно оружје“, изјави Гуо Ѓијакун од кинеското Министерство за надворешни работи.
Европските лидери и претседателот на Украина се во Брисел, каде што се дискутира за финансиска помош на Киев преку употреба на замрзнатите руски средства. Тие го поздравија потегот на САД.
„Ова директно ја погодува руската нафтна индустрија, која ги финансира воените операции. Русија разбира само јазик на сила“, изјави литванскиот претседател Гитанас Науседа.
Аналитичарите проценуваат дека новите санкции би можеле да ја натераат Русија да ги намали цените на нафтата на светскиот пазар, што би се ублажило само ако глобалната цена на суровата нафта продолжи да расте.
